Путин нема да ја заборави дрскоста на разгневениот либиски генерал?

2058

Халифа Хафтар очекуваше црвен тепих во Кремљ. Наместо тоа беше оставен да чека во руското министерство за надворешни работи, надевајќи се на прием кај рускиот претседател Владимир Путин. На крајот, либискиот воен командир го загуби трпението и си замина во лутина. Неколку часа подоцна ја напушти Москва во неговиот авион, заминувајќи за главниот град на Јордан, Аман, тврди Блумберг.

Кога рускиот претседател ги покани лидерите на спротивставените страни во Либија да потпишат примирје, во понеделникот, веројатно не ја земал предвид тврдоглавоста на седумдесет и шестгодишниот Хафтар. Згора, неговата смелост да го откачи Путин, претставува доказ за непредвидливоста на либиската граѓанска војна.

Изливот на гнев, сепак, е последниот неочекуван пресврт, во пресрет на планираната мировна конференција за Либија што ќе се одржи во Берлин, в недела. Минатата недела, обидот на Италија да посредува за средбата помеѓу Хафтар и премиерот на меѓународно признаената либиска влада, Фајез ал-Сараж, заврши со откажување во последен момент од страна на Сараж. Навидум, ништо не се одвива според очекувањата.

Хафтар кој е стациониран во источна Либија ја почна војната во април минатата година, со офанзива на главниот либиски град Триполи, со цел да го собори Сараж од власт. Тој сега ги попречува ривалите кои под притисок на заштитничката Турција потпишаа мировен договор. Хафтар рече дека ќе размисли за договорот пред да замине од Москва.

– Ова нема да биде заборавено од Путин. Хафтар практично избега кога се очекуваше да го потпише документот. Ова покажува недостаток на почит за неговите домаќини и е удар врз репутацијата на Русија – вели рускиот експерт за Либија, Кирил Семјонов.

Хафтар веројатно ќе наиде и на проблеми од страна на Реџеп Таип Ердоган според последните изјави на турскиот претседател, кој нема да се колеба да „го научи лекција“, доколку силите на одметнатиот генерал ги продолжат нападите врз меѓународно признаената влада во Триполи, пренесува „Ал џезира“.