Путин ги повика најмоќните светски лидери на состанок

409

Рускиот претседател Владимир Путин предложи во 2020 година одржување состанок на лидерите на Русија, Кина, САД, Франција и Велика Британија, за да се разговара со судирите во Либија и други глобални проблеми.

Путин истакнал дека Москва е подготвена за сериозни разговори со постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, дека постојат многу теми за разговор и дека состанокот би можел да се одржи каде било во светот.

– Во која било земја, во кој било дел во светот кој им одговара на колегите. Русија е подготвена за таков вид сериозни разговори – рекол тој.

– Пред нас се многу задачи. За една од нив разговаравме неодамна во Берлин. Тоа е Либија. Мораме да се вратиме на тоа прашање во Советот за безбедност и да усвоиме соодветна резолуција – додал рускиот претседател.

Путин денеска е во Израел на 75-годишнината од ослободувањето на Аушвиц. Рекол дека одржувањето на таков состанок на лидерите би бил важен симболичен чекор во пресрет на 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

– За тоа разговарав со неколку колеги и забележав позитивна реакција на одржување состанок на постојаните членки на Советот за безбедност – заклучил Путин.