Путин ги одликува пилотите-херои од „чудото над Раменск“

1545

Рускиот претседател Владимир Путин им ја додели титулата „Херој на Русија“ на двајцата пилоти на компанијата „Урал ерлајнс“, кои вчера принудно слетаа во поле во близина на Москва, спасувајќи ги животите на 234 лица.

– Им честитаме на пилотите-херои кои ги спасија животите на луѓето – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Останатите членови на екипажот се одликувани со Орден за храброст.

Рускиот патнички авион вчера принудно слета на поле, во близина на аеродромот „Жуковски“, набрзо по полетувањето од Москва, откако птици влегле во двата мотора на леталото. Никој од 234 патници и членови на екипажот не е повреден.

Државната телевизија го нарекува слетувањето на авионот „чудо над Раменск“, што се однесува на областа во московскиот регион каде што авионот слетал.

Пилотот Дамир Јусупов и копилотот Георгиј Мурзин во Русија ги слават како херои, бидејќи со својот храбар потег и одлучност ги спасиле животите на луѓето.