Пустош во Чикаго по протестите: повредени се 13 полицајци, уапсени се повеќе од 100 лица

194

Повеќе од 100 лица се уапсени, а 13 полицајци се повредени откако стотици луѓе се судрија со полицијата во Чикаго. Тие кршеле прозорци и краделе од продавници во трговскиот центар „Магнифисент Мил“ и во другите делови на градот, соопштија официјалните лица.

Полицискиот службеник Дејвид Браун изјави дека не станува збор за организиран протест, туку за чист криминал којшто започнал откако полицијата пукаше врз едно лице претходниот ден во населбата Инглвуд, пренесе АП. Во еден момент рано утрово, било пукано во полицајците и тие возвратиле.

Според Браун, се очекува големо присуство на полицијата во центарот на градот.

– Ова беше чисто злосторство. Ова беше напад врз нашиот град – рече градоначалникот на Чикаго, Лори Лајтфут.

Лајтфут рече дека градот активирал програма за заштита што ќе се спроведува во наредните денови додека населбите во Чикаго не бидат безбедни.

Немирите започнаа веднаш по полноќ во Магнифисент Мил, една од најголемите туристички атракции во Чикаго, во чија близина биле забележани графити со пораки против полицијата.