Пукна рударска брана во Бразил, најмалку девет загинати и речиси 300 исчезнати (видео)

258

Најмалку девет лица загинаа, а речиси 300 други се водат како исчезнати по пукањето на рударска брана во југоисточниот дел на Бразил, соопштија денеска бразилските власти.

Претставник на властите информира дека спасувачките екипи досега успеала да пронајдат тела на девет загинати лица, додавајќи дека продолжува акцијата за потрага по исчезнатите.

Водата и калата од акумулацијата на пукнатата брана поплави делови од местото Вила Фертеко, носејќи со себе потенцијално отровен отпад, што предизвикува стравување од можно загадување на животната средина.

Според противпожарната служба, неколку десетици лица се заглавени во поплавеното подрачје и очекуваат до нив да стигнат спасувачките екипи.

Бразилската рударска компанија „Вале СА“, која е сопственик на рудникот, соопшти дека во време на пукањето на браната во таа зона се наоѓале околу 300 работници.

Би-Би-Си јави дека за време на инцидентот стотина работници се наоѓале во мензата на рудникот, која останала под вода и е затрупана со кал.

Претставник на властите на сојузната држава Минас Гераиш, на чија територија се наоѓа рудникот, соопшти дека се мали шансите некои од затрупаните работници да бидат извлечени живи.

Причините за пукањето на браната, која била изградена во 1976 година, засега не се познати.

Поради несреќата, властите спроведоа евакуација на поголем број жители од Вила Фертеко.

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро оцени дека станува збор за „сериозна трагедија“ и најави дека ќе го посети местото на инцидрнтот во придружба на министрите за животна средина, за рударство и за регионален развој.

Слична трагедија во Минас Гераиш, како што јави ДПА, се случи и во 2015 година, при што загинаа 19 лица.