Професорка добила писмо од Трамп, го оценила со двојка и го вратила

489

Ивон Мејсон, пензионирана професорка по англиски јазик од Атланта, САД, примила писмо од американскиот претседател Доналд Трамп, ги преправила правописните грешки и му го вратила на испраќачот.

Мејсон 17 години била професорка во средно училиште, па смета дека самото писмо заслужува тројка, доколку било напишано од некој што нема завршено ни основно образование, а двојка доколку се работи за средношколец. Според неа, писмото содржело 11 правописни грешки само околу пишувањето на поимите „претседател” и „држава” со големи букви.

– Веројатно, писмото е напишано од помошник на претседателот, а не од него лично. Но, кога ќе примите писмо од највисоко ниво, очекувате да биде технички исправно, смета професорката.

Писмото од Трамп било одговор на писмо кое што таа го напишала по повод нападот во школо на Флорида на 14 февруари во кој беа убиени 17 ученици.

Администрацијата на Трамп често е критикувана поради правописните граматички грешки.