Професионален убиец на Ел Чапо користел специјална соба за егзекуции

414
Професионалниот убиец Маруфо служи затворска казна во Мексико.

Со продолжувањето на судењето на Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, продолжуваат и необичните и контроверзни сведочења на сите инволвирани со неговиот картел. По исказот на Винсенте Замбада Ниебла или „Ел Винсентиљо“, синот на партнерот на „Ел Чапо“, Исмаел „Ел Мајо“ Замбада Гарсија, кој се сврте против својот шеф и на суд даде исказ против него, сега други сведоци откриваат нови информации за тоа како работел и функционирал картелот Синалоа.

Сведокот Едгар Галван откри нови информации за лицата од доверба на Жоакин „Ел Чапо“ Гузман. Тој во својот исказ објасни како убиец кој работел за картелот и кој бил човек од доверба на првите луѓе на картелот имал специјална соба за „убивање“, која имала одвод на подот за брзо излевање на крв, доколку се случи егзекуцијата да биде многу „крвава“. Галван дополнително обелодени дека професионалниот убиец на картелот на „Ел Чапо“ со името Антонио „Јагуар“ Маруфо неколку пати го носел токму него во оваа соба, која имала поплочен под за полесно „чистење“ на било какви докази по егзекуциите кои се вршеле.

Сведокот Галван не откри каде точно се наоѓа овој објект, но објасни дека убиецот Антонио Маруфо го обавестил дека оваа соба е звучно изолирана и дека навистина постои одвод, за полесно справување и чистење по егзекуциите.

– Од оваа куќа никој никогаш не излегол – сведочеше Галван.

Четириесетиедно годишниот Галван, пред да стапи во контакт со картелот, бил возач на такси. Тој во криминалниот свет влегол по неговиот развод, откако започнал да излегува во дискотеки, каде го запознал Маруфо. Откако подобро се запознале, Маруфо го внел Галван во светот на криминалот и тој се преселил во Ел Пасо, Тексас за да работи со него. Антониот Маруфо бил човек од доверба за „Ел Чапо“ и неговите соработници и го контролирал регионот околку Ел Пасо и мексиканскиот град Хуарез за картелот Синaлоа.

Галван му помагал на Маруфо нелегално да пренесува оружје преку границата, за „чистење“ на конкурентските картели. Според сведочењето, целта на „Ел Чапо“ била да го контролира регионот и на американската и на мексиканската страна од границата, за полесна дистрибуција на дрогата.

Едгар Галван исто така сведочеше дека два пати набавувал оружје за егзекуции кои ги вршел Маруфо, но потенцираше дека никогаш тој не ги вршел егзекуциите. Дополнително, тој на судењето како дел од својот исказ обелодени дека вообичаено пренесувал пушки од типот „АК-47“ (Калашников), но еднаш пренел и високо калибарска автоматска пушка за картелот.

Тој е уапсен во 2011 година и се изјасни виновен за обвиненијата за поседување на наркотични средства и оружје. Тој отслужува 24-годишна затврска казна, додека професионалниот убиец Маруфо служи казна во Мексико.

Жоакин „Ел Чапо“ Гузман се изјасни за невин за 17 обвниненија, вклучувајќи поседување на автоматско оружје, заговор за убиство и увоз и дистрибуција на кокаин.