Протести на секој континент, од Боливија до Хонгконг

70
Демократски протести или воен удар? Боливија е најновата земја погодена од насилства

Низа протести со месеци го тресат светот, од Боливија, преку Чиле, Либан и Ирак, до Хонгконг. Сите се различни и имаат свои локални динамики и причини, но имаат и сличности, кои главно произлегуваат од незадоволството предизвикано од зголемената нееднаквост меѓу луѓето, распространетата корупција и бавниот економски пораст.

Светот сѐ уште е поделен околу тоа дали во Боливија „конечно се врати демократијата“, како што оценуваат САД и нивните сојузници, или се случи „класичен воен удар против претседателот Ево Моралес (кој поднесе оставка и избега во Мексико)“, како што сметаат Русија и нејзините сојузници. Обединетите нации сега ги повикуваат преодната влада на самопрогласената претседателка Жанин Ањез и приврзаниците на претседателот во егзил Моралес да почнат разговори за решавање на политичката криза, која досега однесе најмалку 23 животи и предизвика недостиг од храна и гориво.

Во Чиле, главните политички партии се согласија да го реформираат уставот по безредијата, кои почнаа со протести во октомври поради поскапувањето на билетите за метрото и се проширија во масовно движење против нееднаквоста. Но еден месец по почетокот на протестите, демонстрантите порачаа дека ќе останат на улица сѐ додека властите не им ги исполнат барањата за системски промени и за подобрување на животни услови, односно повисоки пензии и плати, подостапна здравствена заштита и образование.

– Чиле се претставуваше како оаза во Латинска Америка, но реално никогаш не беше тоа – изјави за Ал џезира Акеми Матсубара, демонстрант во Сантијаго.
Претседателот Себастијан Пињера порача оти владата ги слушнала легитимните барања на милиони Чилеанци. Тој рече дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за уставните промени и дека ќе има зголемување на пензиите за над 20 отсто, а истовремено ги осуди и насилствата во кои настрадаа најмалку 24 лица.
Во Либан, пак, протестите почнаа на 17 октомври против новиот данок на интернет-повици преку „Ватсап“, во услови на опадната економија. Демонстрантите сега повикуваат на смена на политичката елита што е на власт по граѓанската војна од 1975-1990 година. Тие вчера ги спречија законодавците да ја одржат првата седница по два месеци, блокирајќи им го пристапот до парламентот. На агендата требаше да се најде и контроверзниот закон за амнестија, со кој се очекува да бидат ослободени стотици затвореници.

– Како сакаат да одржат седница, а не реагираат на народот? Тие што заседаваат немаат никаква врска со нас – изјави демонстрантка по име Марија.
Земјата тоне во уште подлабока економска криза од почетокот на протестите, која се претвори и во политичка криза по оставката на премиерот Саад ал Харири и засега нема изгледи за постигнување договор за нова влада.

Во Ирак досега се убиени најмалку 320 луѓе, а повеќе од 15.000 други се ранети во протестите против корупцијата, невработеноста и лошите работни услови и основни услуги. Безбедносните сили користат куршуми, гас и шок-бомби за да ги растераат главно младите и невооружени демонстранти, кои бараат смена на „корумпираната политичка елита поткупена од странски интереси“. Непоколебливите демонстранти вчера продолжија да ги блокираат патиштата и нафтените полиња и предизвикаа затворање на ирачката централна банка. Властите тврдат оти државата губи по милијарди долари неделно поради блокираните нафтени полиња од почетокот на протестите, на 1 октомври.

Во Хонгконг, мирните протести во јуни против предлог-законот за екстрадиција се претворија во пошироко движење и отпор против владата и против Пекинг, со насилства, жртви и ранети. Кина неделава предупреди дека нема да седи настрана додека протестите во Хонгконг се претвораат во „неконтролирана ситуација“. Најновиот судир се одвива на Политехничкиот универзитет, кој е опколен од полицијата и во кој се забарикадирани 100-200 демонстранти.