Протести во Аргентина против економската политика

72

Десетици илјади Аргентинци протестираа во Буенос Аирес и во други градови низ целата земја поради економската политика на владата. Протестот, наречен „Сојузен марш”, почна пред четири дена во различни делови на земјата, а заврши синоќа во главниот град.

Демонстрантите бараат закони кои гарантираат храна, земјиште и инфраструктура за сиромашните слоеви на населението.

Куповната моќ на граѓаните во Аргентина продолжува да паѓа, додека земјата се бори со една од највисоките стапки на инфлација во светот. Зголемувањето на инфлацијата и порастот на цената на комуналните услуги доведоа до протести низ Аргентина, каде граѓаните секој месец треба да издвојуваат повеќе за режиски и други трошоци.

Демонстрантите, исто така, ја критикуваа неодамнешната одлука на Владата да побара помош од Меѓународниот монетарен фонд за да се спречи падот на вредноста на домашната валута.

Многумина од нив вината за големата економска криза од 2001 година во таа земја ја гледаат токму во ММФ.