Продавачите од маркетите на првата линија во борбата со коронавирусот

93
Персоналот во маркетите деновиве е соочен со непознати предизвици поради ковид-19

Продавниците за намирници, особено оние низ Европа, покрај аптеките, деновиве се единствените објекти на кои им се дозволува да останат отворени, и покрај воведувањето на полицискиот час во повеќе земји на Стариот Континент. Оваа нова улога што ја добија вработените во супермаркетите практично ги става на правата линија во борбата со коронавирусот

Пандемијата на коронавирусот што го зафати светот, покрај тоа што отвори многу прашања од медицината, економијата, безбедноста и друго, во исто време им направи огромни проблеми на работниците, особено на оние во маркетите и во продавниците што ги снабдуваат граѓаните со храна и други секојдневни работи.
Продавниците за намирници, особено оние низ Европа, покрај аптеките, деновиве се единствените објекти на кои им се дозволува да останат отворени, и покрај воведувањето на полицискиот час во повеќе земји на Стариот Континент. Оваа нова улога што ја добија вработените во супермаркетите практично ги става на правата линија во борбата со коронавирусот, а работната обврска во исто време им носи многу предизвици, слабости, но и опасности по нивните животи, пишува угледниот магазин „Политико“.

Кога Џовани ја прифати работата да складира производи на полици во еден супермаркет во Болоња, Италија, тој не очекуваше дека еден ден ќе биде во првите редови на глобалната криза. Но сега тој се соочува со потенцијални закани речиси секој ден, во форма на клиенти што би можеле да бидат болни, односно позитивни на ковид-19. Џовани вели дека неговиот работодавец не го опремил соодветно за да се справи со опасноста од коронавирусот при вршењето на неговата секојдневна работна обврска.

– Плексиглас-бариерите за касиерите беа поставени речиси пред една недела, а ние претходно сами моравме да си набавуваме ракавици за да се заштитиме. Нивна должност е да нѐ заштитат со соодветна работна опрема – вели Џовани, кој побара да не се користи неговото вистинско име поради стравувањата дека можеби ќе ја загуби работата во „Конад“, еден од најголемите синџири за трговија во Италија.
Слична е состојбата со работниците во маркетите и во другите европски земји. Синдикатите велат дека за вработените во супермаркетите има недостиг од неопходна санитарна заштита, но и намалување на прекувремената работа. Од друга страна, супермаркетите тврдат дека прават сѐ што можат.
– Презедовме широк спектар чекори за поддршка на јавните власти во обид да се минимизира ризикот од инфекција на клиентите, но и на сопствениот персонал – се наведува во соопштението на трговското тело „Еурокомерси“.

Нил Мекмилан, директор на групацијата за политички работи и трговија, вели дека откако пандемијата се рашири низ Европа, но и општо низ светот, како превенција, продавниците го ограничуваат бројот на луѓе што може да влезат да пазаруваат во исто време. Се бара од клиентите да плаќаат со бесконтактни платежни картички наместо со пари, но се инсталираат и дополнителни скенери на производите за храна за купувачите да знаат колку чинат производите. Касиерките редовно ги мијат рацете, а истовремено и почесто се врши дезинфекција на објектите.

– Супермаркетите, често им даваат на своите вработени маски, ракавици и санитарен гел, а понекогаш дури и инсталираме прегради од плексиглас за одделување на вработените од купувачите – објаснува Мекмилан.
Во меѓувреме ,некои светски лидери веќе ги забележаа предизвиците и тешкотиите на вработените во маркетите. Германската канцеларка Ангела Меркел во обраќањето пред нацијата минатата недела упати јавна порака и им се заблагодари на вработените во супермаркетите, како што рече таа, за нивната пожртвуваност што полиците во маркетите се полни и ја хранат нацијата.
– Оние што седат на касите во супермаркетите или ги полнат полиците за храна прават сега една од најтешките работи во овој момент. Ви благодариме што сте таму за вашите сограѓани и што буквално се борите со смртоносниот вирус и што ги одржувате продавниците полни и отворени – изјави Меркел. 
Но работниците низ Европа велат дека тоа не е доволно.
– Заштитите што ги ветија за супермаркетите пристигнаа со огромно задоцнување. Само пред неколку дена почнавме да добиваме гелови за дезинфекција и маски – вели Амар Лага, генерален секретар на француската федерација за трговија.
Според него, во Франција низ повеќето продавници сѐ уште нема маски, а нема ниту ракавици за вработените.

– Ние ѝ напишавме протестна нота на Владата дека ако не ни обезбеди доволно маски за да им се дадат на работниците, тие наскоро ќе престанат да се појавуваат на работа незаштитени. Ние нема да ги жртвуваме луѓето, нема да дозволиме да се користат како топовско месо – додаде тој.
Дополнително, продавачите освен што во моментов од претпоставените, но и од владите во Европа, бараат дополнителна санитарна заштита, тие исто така велат дека се соочуваат со прекумерна работа, што им влијае на здравјето.
– Наместо да го намалат работното време, на пример да се затвораат маркетите за време на викендите, тие решија да ни ги продолжат смените со 12 до 13 работни часа на ден. Тоа е исцрпувачки и злонамерно. Таквиот начин на работа повеќе не е услуга, туку тоа е начин само работодавците да соберат што е можно повеќе пари за себе – вели еден вработен во продавница за прехранбени продукти во Шпанија.