Проблемот на Доналд Трамп со благите казни и помилувањето

198
Род Благојевиќ

Автор: Џефри Тубин

Њујоркер

Авторитаризмот обично се поврзува со духот на казнување, односно со лидер кој кривично ги гони и ги затвора неговите непријатели. Но постои и друга страна на ваквиот лидерски стил. Авторитарните лидери исто така се расфрлаат со дарежливоста, но тоа го прават по своја волја наместо во согласност со системот или со владеењето на правото. Идејата на авторитаризмот е моќта да се концентрира кај лидерот, така што светот знае дека сите дела, добри или лоши, сурови или не, потекнуваат од еден извор. Тоа е реалната лекција, приказната за притаениот авторитаризам, за денешните поблаги казни и помилувања на претседателот Доналд Трамп.

Трамп ја намали казната на поранешниот гувернер на Илиноис Род Благојевиќ, кој доби осум наместо четиринаесет години затвор за разни форми на корупција на функцијата. Претседателот помилува неколку други ненасилни криминалци: кралот на несаканите обврзници Мајкл Милкен кој ја призна вината во 1990 година за кршење на безбедносните протоколи, поранешниот началник на њујоршката полиција Бернард Керик кој во 2009 година беше прогласен за виновен во обвинението за даночна измама и лажење на владата, како и поранешниот сопственик на клубот за американски фудбал Сан Франциско фортинајнерс, Едвард Де Бартоло Помладиот кој во 1998 година беше прогласен за виновен заради прикривање на обид за изнудување. (Милкен и Керик одлежаа затворска казна, Де Бартоло беше казнет со милион долари и суспендиран една година од страна на НФЛ-лигата).

Заедничката врска меѓу оваа група е што сите се лично поврзани со претседателот. Благојевиќ бил натпреварувач во реалното-шоу „Славен чирак“, беше кривично гонет од страна на Патрик Фицџералд, близок пријател и адвокат на Џејмс Коми, поранешниот директор на ФБИ, кој е непријател на Трамп. Објаснувајќи ги неговите одлуки денес, Трамп се повика на случајот против Благојевиќ дека „се работело за кривично гонење од страна на истите луѓе, Коми и Фицпатрик, односно истата група“.

Годишните финансиски конференции на Милкен се омилено место за средби, меѓу другото и на богатите пријатели на Трамп. (Иванка Трамп и Џаред Кушнер држеа говори на ланскиот собир.) Милкен исто така е активен филантроп, како што Трамп нагласи дека „е среќен што го има Мајк Милкен кој има огромно искуство и направил многу добро за светот со неговото истражување за ракот и воедно неговото страдање. Тој навистина платил многу висока цена“.

Објаснувањето на Трамп за помилувањето на Керик веројатно е најзначајно. Претседателот порача дека Керик е „човекот кој имал многу препораки од многу добри луѓе. Честопати и поголем дел од времето се потпирал на препораките на луѓе кои го познавале“. Керик беше назначен за началник од страна на Рудолф Џулијани, кој тогаш беше градоначалник на Њујорк, а сега му е личен адвокат на Трамп. Со сигурност може да се заклучи дека Џулијани играше улога во одлуката на Трамп да го помилува. За случајот на Де Бартоло се залагаше голема група на поранешни професионални играчи по американски фудбал, чии услуги честопати му биле потребни на Трамп.

Накратко, помилувањата се целосно од лична природа, така што нивното доделување беше исклучиво спроведување на личната волја на Трамп. Тоа беше и нивната идеја, односно дарежливиот лидер да прави услуги. Светот нема многу да се промени поради овие одлуки, а од сите четири случаи само Благојевиќ сè уште е во затвор. Некои од останатите можат да добијат ситни придобивки како враќање на правото легално да купат оружје. Единствената цена е понатамошната деградација на владата и нашиот систем да стане поблизок до култот на лидерот. Во оваа ера на масовно затворање, многу луѓе заслужуваат помилување и намалување на казната, но ова не е начин тоа да се постигне. Сè што Трамп направи беше доказ дека може да ги награди пријателите и пријателите на неговите пријатели. Страшниот заклучок е што знае дека може да ги казни и неговите непријатели.

Превод: Билјана Здравковска