Проблемите на Орбан со Европската народна партија

227

Пратениците на Европската народна партија (ЕПП), најголемиот политички блок во Европскиот парламент, вчера требаше да гласаат за евентуалната суспензија на унгарската партија Фидеш. Унгарскиот премиер Виктор Орбан за повеќето десничарски и антимигрантски партии е херој што редовно му пркоси на Брисел. Некои дури го нарекуваат и европски Доналд Трамп, бидејќи смета дека Европската Унија е под закана од муслиманските мигранти, на кои им е затворена вратата на Унгарија, пренесува Би-би-си.

Поголем број членови на ЕПП бараат Фидеш да биде избркана поради нејзините кампањи против ЕУ, а околу 260 делегати на ЕПП вчера требаше да донесат одлука за протерување или суспензија на партијата. Сепак, според Би-би-си, таквиот чекор би бил драстичен пресврт според стандардите на Европарламент, а ЕЕП сепак може да се повлече. Дури 13 партии од блокот бараат Фидеш да биде протерана поради кампањата со билборди против Унијата, на кои цел на напад беше претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер. На билбордите исто така е прикажан и американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, кој, според Фидеш, наводно ја охрабрува нелегалната миграција кон Европа. Критичарите сметаат дека нападите против Сорос, кој како Евреин го преживеа нацистичкиот холокауст во Унгарија, се антисемитски.

Но проблемот за ЕПП е дека загубата на нејзините членови од Фидеш ќе го ослабне блокот и тоа токму во периодот кога ЕУ се подготвува за изборите за Европарламентот кон крајот на мај.

ЕПП е алијанса од околу 80 партии, но Фидеш докажа дека може убедливо да победува на изборите и има двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент, поради што е доминантна политичка сила во Унгарија.

Претходно, Орбан ги нарече неговите критичари во ЕПП „корисни идиоти“, фраза што му се припишува на советскиот лидер Владимир Ленин, кој во 1920-тите години се осврна на наивните западни обожаватели на неговиот бренд социјализам. Сепак, унгарскиот премиер сигнализира дека сака да ѝ стави крај на караницата, кога лидерот на ЕПП Манфред Вебер минатата недела ја посети Будимпешта. Вебер е влијателна личност во ЕУ и би можел да го наследи Јункер како претседател на Еврокомисијата доколку ЕПП победи на европските избори, како што победи во 2014 година.

Орбан тврди дека Европа се наоѓа во егзистенцијална битка за одбрана на „христијанските“ вредности. Тој го критикува либералниот консензус што ги поддржува институциите на ЕУ, заговарајќи наместо тоа енергична нова база на моќ во Централна Европа.