Притворена новинарка поради абортус и сексуални односи надвор од бракот

358

Мароканските власти притворија една новинарка затоа што абортирала и имала сексуални односи надвор од бракот што претставува „флагрантно кршење“ на нејзините права, предупреди „Хјуман рајтс воч“, а пренесе „Индипендент“.
Организацијата побара од властите да го повлечат обвинението и веднаш да ја ослободат под основа дека биле прекршени нејзините права на приватност и слобода. Полицијата од главниот град Рабат ја уапсила Хаџар Раисуни на 31 август и наводно ја испрашувала за нејзиниот приватен живот.

Обвинителството ја товари 28-годишната новинарка за абортус и сексуални односи надвор од бракот. Доколку ја осудат, ќе добие затворска казна од две години.
Стотици луѓе излегоа да протестираат пред судот во Рабат во понеделникот.

Ахмед Бенчемси, комуникацискиот директор за Блискиот Исток и Северна Африка во „Хјуман рајтс воч“, изјави дека „Хаџар Рајсуни е обвинета за однесување во приватниот живот што на прво место не смее да се смета за криминал. Со тоа што биле објавени детали за нејзиниот сексуален и репродуктивен живот, властите го прекршиле нејзиното право на приватност и да го нарушат нејзиниот углед“.

Притоа тој додаде дека со апсењето, државата не ги почитува индивидуалните слободи и селективно го спроведува владеењето на правото.
Случајот на Расуни покрена голема дебата во медиумите и на социјалните мрежи за граѓанските слободи и медиумската слобода, а некои стравуваат дека апсењето можеби има политичка позадина, затоа што новинарката работи во арапски весник кој има историја на спорови со власта и е еден од малкуте критички настроени весници во државата.

Притоа, Расуни потекнува од познато дисидентско семејство.
Расуни требала да стапи во брак со својот вереник Рифат ал Амин токму оваа недела. Шест полицајци во цивилна облека ја уапсиле двојката минатиот месец во близина на гинеколошката ординација каде што Расуни била пациент. Адвокатот на двојката изјави дека дури и докторот и неговите вработени се обвинети за изведување на абортус и соучесништво во абортус и се соочуваат со десет години казна затвор.
Според кривичниот законик на Мароко строго се забрануваат сексуални односи пред брак и абортус само доколку не е загрозен животот на мајката.

Според официјалните бројки, минатата година судовите изрекле казни за 14.500 лица за „разврат“, 3.048 за прељуба, 170 за хомосексуалност и 73 за абортус.

Подготвила: Билјана Здравковска