Примирјето неизвесно во Нагорно Карабах, борбите продолжуваат

66

Ерменија и Азербејџан вчера повторно се обвинија една со друга за кршење на примирјето постигнато со посредство на САД во едномесечните борби во регионот Нагорно Карабах.
– Би сакал да констатирам дека напорите на меѓународната заедница, овој пат со посредство на Америка, за воспоставување прекин на огнот, пропаднаа. Како резултат на континуираното гранатирање од страна на Азербејџан, цивили беа убиени и ранети во Арачак – објави ерменскиот премиер Никол Пашинијан на Твитер, пренесе РСЕ.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Азербејџан вчера соопшти дека Ерменија е таа што не успеала да го почитува хуманитарниот прекин на огнот.
– Ерменските вооружени сили во текот на денот на 26 октомври и ноќта спроти 27 октомври со разни оружја пукаа кон позициите на единиците на азербејџанската армија во различни насоки на фронтот и кон нашите населби во близината на фронтот.

Борбите продолжија главно во насоките на фронтот на Хоџавенд, Физули и Губадли – се наведува во соопштението на Министерството, додавајќи дека азербејџанските сили се бореле против нападите.
Инаку, прекинот на огнот беше објавен во заедничката изјава на Стејт департментот на САД и двете влади на 25 октомври, кој е всушност трет обид за воспоставување пауза во непријателствата што избувнаа минатиот месец.