Примирјето во Нагорно Карабах означува егзодус за едните, а враќање дома за другите

132
Ирина Сафаријан и нејзиното семејство пред нивниот дом во Хадрут

Неколкунеделното гранатирање не успеа да го принуди семејството на Ирина Сафаријан да излезе од бункерот во кој се засолни за време на војувањето во градот Хадрут во јужен Карабах. Но, ерменското семејство беше принудено да побегне од градот кога војниците на Азербејџан стигнаа до периферијата на населбата, пишува Гардијан“.

– Очекувавме да се вратиме во нашиот дом за три до четири дена, најдоцна една недела, затоа ги оставивме дома семејните албуми со фотографии. Никој не очекуваше дека го напушта домот за последен пат – вели 28-годишната Сафаријан.

Таа вели дека е дел од таканаречената „воена генерација“. Ирина и нејзината сестра се родени во подземниот бункер каде што нејзината мајка помина голем дел од конфликтот во периодот меѓу 1988 и 1994 година. Кога завршил конфликтот, поголемиот дел од азербејџанското население било принудено да го напушти Карабах. 

– Ерменците и Азербејџаните живееја заедно, но немаше доверба меѓу нив. Иако имавме соседи и пријатели, соживотот не беше изграден на доверба и искреност – вели Сафаријан. 

Сега, во новиот конфликт, нејзиното семејство повторно се засолнило во истиот бункер, а поради војувањето, некои денови не можеле да излезат надвор, на воздух. Тие беа евакуирани од Хадрут во средината на октомври, два дена пред азербејџанските војници да влезат во градот.

Но, ерменскиот егзодус наликува на еден друг, кој се случи пред три децении, кога 6.000 Азербејџанци го напуштија регионот поради војната. Меѓу нив беше и Хагигат Хаџијева, која ја раскажа нејзината приказна, како го напуштила градот Шуша во 1992 година, и очекувала да се врати набрзо во нејзиниот дом.

Хагигат Хаџијева (горе лево) и нејзиното семејство пред да побегнат од Шуша во 1990 година

– Кога заминавме мислевме дека ситуацијата набрзо ќе се смири и огинот ќе стивне. Ние им рековме збогум на нашите ерменски соседи, а откако ерменските сили го окупираа градот, моето семејство се насели во Баку. Никогаш не се вративме – вели Хаџијева. 

Сега, ситуацијатра е обратна, а азербејџанската победа над Ерменија во шестнеделната војна претвори десетици илјади ерменски жители во бегалци. За претходниот бран прогоненици од Карабах, освојувањето на територијата значи крај на долгото чекање да се вратат дома.

– Плачев со часови кога слушнав дека Шуша е ослободена. Чувството не може да се објасни со зборови. Кога ќе стигнеме, ќе ја бакнуваме земјата – вели Хаџизада, која по неколку години изгубила целосна надеж дека ќе се врати во нејзиниот дом.

Но, преку границата, сега ерменските бегалци го започнаа сопствено долго чекање за да се вратат во нивните домови.

– Се чувствувам како да сум никој. Улицата каде што пораснавме беше изгорена од Азербејџанците. Тие не оставија ништо од моето детство. Ни рекоа дека сè е запалено. Сè за што живеев и се борев, за кое правев планови во Хадрут и во секое село и град во Арачах, сега нема ништо од тоа. Сега нема за што да се бориме и за што да живееме – вели Сафаријан.