Приврзаничка на Исламска држава осудена бидејќи „стои единствено за Алах“

1648

Сопругата на врбувач на борци на Исламска држава (ИД) е осудена поради непочитување на судот во Сиднеј, бидејќи одби да стои при влегувањето на судијка во судницата, пренесуваат австралиските медиуми.

Мутија Елзахед (50), сопругата на затворениот џихадист Хамди Алкудси, пркосно остана седната на своето место, и при соопштувањето на одлуката на судијката Керолин Хантсман. Згора, Елзахед додаде дека „стои единствено за Алах“.

Таа е осудена за непочитување, бидејќи одби да стане од своето место и во текот на судски процес во 2016 година.

Елзахед, која носеше бурка, потоа го покажа поздравот на ИД со испружен показалец, по излегувањето од судот, додека нејзината придружничка ги нарече новинарите лебарки.

Елзахед (лево), го покажува поздравот на ИД со испружен показалец

Приврзаничката на ИД е првата личност во историјата на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс што е осудена поради одбивање да стои при влегувањето на судија во судницата.

На видео-снимки од сигурносните камери беше прикажано како Елзахед одбива да стане во девет наврати, во ноември и во декември 2016 година. Секој од прекршоците значи максимална затворска казна од 14 дена и/или парична казна од 1.100 долари.

Елзахед неуспешно ги тужеше австралиските власти во 2016 година, поради наводна полициска бруталност и неправеден притвор, при рација во нејзиниот дом, две години порано. На Елзахед и беше наредено да плати отштета од 250 илјади долари за полициските правни трошоци, откако судот ја отфрли нејзината тужба.