Лидерите се менуваат секојдневно во борбите за превласт во Судан

208

Судан се соочува со низа на различни кризи и потребата за изнаоѓање на консензус е уште поголема, а неизвесноста за тоа што е следно останува.

Беа потребни четири месеци проследени со интензивни демонстрации на целата територија на Судан, за армијата да ја преземе власта од Омар ал-Башир, човекот кој 30 години владееше со земјата, јавува Ал Џезира.

По само 24 часа, привремениот воен Совет кој сега ја води државата, под притисок на демонстрантите, го промени и својот втор лидер Ахмед Авад Ибн Ауф, чија функција сега ја презема генералот Абделфатах ал-Бурхан. Ова е трет лидер во исто толку денови на чело на привремениот воен Совет во Судан, по падот на власта на ал-Башир.

Заминувањето на Ибн Ауф, кој се смета дека беше близок соработник на ал-Башир, предизвика нов бран на задоволство кај демонстрантите во главниот град Картум, вклучувајќи ги и оние кои протестираа против полицискиот час, кој беше спроведуван од страна на армијата.

Светските медиуми сега предвидуваат неколку сценарија за Суданците, за кои е неопходно да воспоставни контрола врз земјата. Новиот шеф на воениот Совет, кој според многумина е популарен меѓу воените структури, се смета дека е дистанциран од ал-Башир и други поранешни членови на власта. Ал-Бурхан во таа насока изјави дека транзицијата за преземањето на власта би можела да трае неколку години. Тој дополнително повика на дијалог меѓу политичките партии и граѓанските групи, кои бараат кредибилни реформи, како што се брзо отворање на политичкиот простор и инклузија на цивилни лица во транзитивната администрација.

Демонстрантите пред воениот Совет во саботата поставија нова серија на побарувања за воените лидери, вклучувајќи и формирање на четригодишна цивилна влада под заштита на војската. Во неделата, Советот побара договор за пронаоѓање на „патриотска независна личност за да ја води владата“, додавајќи дека тие би сакале да ги задржат министерот за внатрешни работи и министерот за одбрана за да се одржи безбедноста во земјата. Овие преговори, како што пишува Ал Џезира, а го потврдуваат и неколку експерти, покажуваат дека сегашниот лидер ал-Бурхан е подговтвен за компромис.

Протестите кои во Судан иницијално беа организирани од страна на лекарите, адвокатите и професорите, според познавачите, покажаа извонреден степен на организација и дисциплина, доказ дека Суданците се подготвени и бараат промена.

По конечниот пад на ал-Башир, внатрешната борба за власт во безбедносните сили на Судан сега е уште по очигледна, а земјата често се соочува и со силни надворешни влијанија. Останува отворено прашањето во која насока ќе се движат чекорите и одлуките на сегашната привремена власт и како ќе се транзитира кон долгопосакуваната демократија од страна на Суданците. П.С.