Приведена жена во близина на експлозијата кај американската амбасада во Пекинг

35

Кинеската полиција уапси жена која денеска се поли со бензин, во обид да се самоубие во близина на Амбасадата на САД во Пекинг, објави државниот кинески весник „Глобал Тајмс“ по информациите за експлозија.

Засега не е потврдена поврзаност меѓу приведената жена и експлозијата.

Според Радио Слободна Азија, експлодирала рачнo изработена експлозивна направа пред, засега неидентификуван маж, да успее да ја префрли преку оградата.

Според „Мирор“ во инцидентот има повредени, а оштетено е и едно полициско возило.

Според очевидци, во експлозијата најмалку едно лице е повредено меѓу групата луѓе, кои чекале пред зградата за да аплицираат за американска виза.

Кинеската полиција постави возила пред Амбасадата, додека на социјални медиуми беа објавени фотографии на кои се гледа чад од силна експлозија.

Во близина на амбасадата има најмалку осум полициски возила, а областа е затворена за движење.

Засега нема информации од претставници на Амбасадата на САД во Пекинг. Освен Амбасадата на САД, во таа област се и амбасадите на Израел и Јужна Кореја.

Иако засега не е познато дали експлозија е поврзана со тероризам, американските амбасади често се цел на терористичко насилство, со десетици инциденти пријавени на американски дипломатски позиции низ светот во текот на изминатата деценија.

Најсмртоносните напади врз американските амбасади се случија на 7 август 1998 година, кога оперативци на Ал Каеда истовремено активираа автомобил-бомби пред американската Амбасада во главниот град на Кенија, Најроби и главниот град на Танзанија, Дар ес Салам. Во тие напади, организирани од Осама бин Ладен, загинаа 224 луѓе, од кои најголем дел (213) во експлозијата во Најроби.

Досега не се регистрирани какви било напади американските дипломатски претставништва во Кина.