Претставени можностите на четвртата индустриска револуција

308

„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВО САНКТ ПЕТЕРБУРГ

Новите можности што ги нуди четвртата индустриска револуција (позната и како „индустрија 4.0“), работните места во дигиталната ера, автоматизацијата на производството, како и стратегиите за успешен развој беа претставени на четвртиот Меѓународен форум за пазарот на трудот одржан во Санкт Петербург, Русија, минатата недела. „Нова Македонија“ имаше можност да го посети форумот и одблиску да се запознае со новитетите на пазарот на трудот презентирани од голем број експерти и претставници на руските институции и компании, кои учествуваа на дводневниот настан.

На пленарната сесија на форумот, беше дискутирано за влијанието на новите технологии врз организацијата на процесите во различни економски сектори. Првата проректорка на Државниот универзитет во Санкт Петербург, Елена Чернова, го сподели своето искуство од имплементирањето на иновативните системи на универзитетот. При создавањето дигитална средина, Чернова нагласи дека е важно да се земат предвид потребите на луѓето и да се бара постигнување рамнотежа.
– Дигитализацијата денес зема замав. Но за да се осигури нејзиниот пробив, треба да создадеме пријатна средина за луѓето. Само преку надминување на стравовите ќе бидеме целосно подготвени за нејзините предизвици – истакна проректорката.

Таа се осврна и на различните аспекти од дигитализацијата на универзитетот, од сферата на човечките ресурси преку едукативниот процес и развојот на универзитетската научна лабораторија. Главна тема на пленарната сесија на годинашниот форум претставуваше екипирањето на националните проекти. А Чернова изрази мислење дека интересите на луѓето треба да бидат централни за сите промени.
– Не е потребен човек за дигитална трансформација, туку дигиталната трансформација треба да се случи заради човек. Единствено со ваквиот приоритет дигитализацијата навистина ќе даде резултати – истакна Чернова.

Сергеј Иванов, водечкиот човек на лабораторијата за изучување на социоекономските процеси на модерното општество на универзитетот, на форумот ги презентираше резултатите од студијата за влијанието на дигитализацијата врз пазарот на трудот. Студијата е спроведена од страна на универзитетот заедно со унијата на индустријалци и претприемачи на Санкт Петербург. Научникот цитираше податоци од декември 2019 година, базирани врз основа на прогнози за промените на пазарот на трудот во следните пет години. Според нив, квалификациските барања за специјалистите и за менаџерите, како и за организацијата на трудот, наскоро ќе се сменат во голема мера. Од работниците ќе се бара да работат и надвор од вообичаената работна средина, самостојно извршување на задачите, организирање и планирање на сопствената работа и употреба на новите универзални технологии, наспроти поседувањето високоспецијализирани професионални вештини.

– Листата на професиите ќе се смени, исто како и квалификациските барања за работникот и системот на организација на трудот и менаџментот. Дистрибуираната и работата надвор од вообичаената средина создаваат нови барања за професионалците и за менаџерите – кажа Иванов.

Тој додаде оти таквите трендови претставуваат нови предизвици за образовните институции.
– Треба да го зајакнеме акцентот на осигурување на развојот на универзалните компетенции. Ова се однесува на способноста за планирање на работата, поставување на сопствените цели, а ако во прашање е лидер и давање задачи на подредените. Ова се некои од главните приоритети во создавањето работници во модерната економија – заклучи Иванов.

Четвртиот Меѓународен форум за пазарот на трудот беше во заедничка организација на Државниот универзитет во Санкт Петербург и интерпарламентарното собрание на Заедницата на независни држави (ЗНД), која ја сочинуваат 11 поранешни советски републики. Целите на годинашниот форум беа одредување на насоките на човечкиот развој и човечкиот капитал како клучни фактори во растот на модерната економија, како и изборот на државната стратегија за развој преку менаџмент на човечкиот капитал.


Виртуелни обучувачи и работни костими со сензори

На штандовите на изложбениот центар беа претставени повеќе иновации, кои треба да им бидат од корист на работниците во разни сфери. Меѓу нив е уредот „Мед поинт 24“, кој истовремено ги мери притисокот, температурата, состојбата на очите, а спроведува и алкотест за возачите во јавниот транспорт и за пилотите. Полигонот „Паметен труд“ – заедничкиот проект на Русија, Финска и на ЕУ познат под името „Сејфкон“, преку употребата на очила за виртуелна реалност има цел да создаде постојана широко распространета средина за учење и нови интерактивни модули за обука за безбедност на работата за различни целни групи, организации и компании во градежната индустрија. Беа претставени специјални костими и работна облека за повеќе индустрии и сектори, опремени со сензори што ја следат состојбата на вработените, паметни машини за текстилната индустрија и уште многу други новитети.

[email protected]