Пребегнатите Севернокорејци се соочуваат со гневот на Сеул и на Пјонгјанг

62

Автори: Џонг-хо Ли и Џон Херсковиц

Блумберг

Со години пребегнатите Севернокорејци ги користеа заштитите на слободата на говор во нивните домови во Јужна Кореја за да се подбиваат со режимот во Пјонгјанг. Сега, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин смета дека тие претераа.

Двајца браќа кои предводеа две истакнати групи на пребегнати Севернокорејци минатата недела беа на полициски распит откако владата на Мун сакаше кривично да ги гони поради памфлетите што ги испратиле северно од границата. Претходно Парк Санг-хак и Парк Јунг-о требаше да се грижат само за заканите на Ким Јонг-ун чиј режим ги окарактеризира нив како „ѓубриња“, а постариот брат го доби прекарот „главен непријател“.

Ваквиот настан повторно ги стави во центарот на вниманието пребегнатите Севернокорејци и непријатниот однос на Мун со нив. Иако Мун влезе во политиката со цел да воведе посилна заштита на човековите права и да изгради подобри односи со Северна Кореја, сепак, тој често се наоѓа во позиција како претседател да им даде приоритет на односите со Пјонгјанг пред злоупотребите што ги истакнуваат дезертерите.

– Владата сака да ме стави в затвор затоа што ја говорам вистината – изјави Парк Санг-хак, претседател на активистичката група „Борци за слободна Северна Кореја“ за новинарите во клубот за странски дописници во Сеул, во понеделникот. Парк, кој се сретна со тогашниот американски претседател Џорџ Буш помладиот во 2008 година, беше повикан на суд на 30 јуни како дел од истрагата во која наводно ги прекршил законите за меѓукорејска размена.

Полицијата исто така ги истражува обвиненијата дека Парк Санг-хак ја нападнал телевизиската продуцентка која го посетила во домот минатиот месец за да разговара околу контроверзиите со памфлетите, како што пренесоа јужнокорејските медиуми меѓу кои и новинската агенција „Јонхап“. Тој во понеделникот пред новинарите изјави дека дејствувал поради загриженост за безбедноста на неговото семејство, без да образложува.

Министерството за обединување побара од групите на пребегнувачи да запрат со секакви акции кои можат да го предизвикаат северниот сосед, соопштувајќи во изјавата дека испраќањето на памфлети „претставува закана по животите и безбедноста на жителите во пограничната зона на Јужна Кореја“.

Актуелните контроверзии настанаа откако браќата Парк испратија балони над Демилитаризираната зона со цел да ги поделат памфлетите на кои ја исмеваа лозата на Ким и го опишаа како „ѓавол кој си го убил сопствениот брат“. Северна Кореја го осуди неуспехот на Мун да го спречи ширењето на памфлетите, претставувајќи го како доказ за неговата слаба поддршка за помирување, на што јужнокорејскиот претседател одговори со брзо кривично гонење на браќата.

Многумина членови на прогресивната Корејска демократска партија на Мун сметаат дека подобрите врски со Пјонгјанг се неопходен прв чекор кон подобрување на човековите права, а блокот планира да забрани понатамошно ширење на памфлети против Ким.

За многу пребегнати Севернокорејци, најновиот конфликт укажува на поголемиот проблем кој Мун го има со игнорирањето на кршењето на човековите права од страна на Северна Кореја.

– Дефинитивно се работи за обиди на Јужна Кореја да ги замолчи севернокорејските дезертерски групи и поединци кои се проблем за Северна Кореја. Секој може да се најде на црната листа – порача Џоана Хосанијак, заменик-директорка на Граѓанскиот сојуз за севернокорејски човекови права.

Во меѓувреме, Јужна Кореја размислува да го скрати буџетот за преселување на пребегнатите за повеќе од 25 отсто, како што минатиот месец пренесе „НК“, специјалната новинска агенција за Северна Кореја, повикувајќи се на лице од Министерството за обединување. Бројот на пребегнати Севернокорејци кои пристигнуваат во Јужна Кореја се намали под власта на Мун, со тоа што лани нивниот број изнесуваше 1.047 лица, за разлика од 2.914-те пред една деценија.

Тешкотиите со кои се соочуваат пребегнатите лани се најдоа во центарот на вниманието откако една мајка и нејзиниот шестгодишен син, кои избегаа од гладот во Северна Кореја, починаа сами во мал стан во Сеул очигледно од прегладнетост. Тае Јонг-хо, врвен севернокорејски дипломат кој дезертираше во 2016 година, доби место во јужнокорејскиот парламент како дел од конзервативната партија во април и се залагаше за посилни мерки против Ким.

Чои Сеонг-гук, севернокорејски аниматор кој избегал во Јужна Кореја пред една деценија, посочи дека актуелната власт не сака луѓе кои „ја критикуваат диктатурата“ што ги усложнува напорите за помирување.

– Актуелната власт премногу се труди за да го задоволи Пјонгјанг. Целосно го игнорира движењето за човекови права за Северна Кореја – изјави Чои.

Превод: Билјана Здравковска