Прв телефонски разговор меѓу Путин и Бајден

162

Новиот американски претседател, Џо Бајден, денеска го одржал првиот телефонски разговор со својот руски колега, пренесе Белата куќа, додавајќи дека тој се соочил со претседателот Путин за низа прашања почнувајќи од неодамнешниот кибер-напад на американската компанија „Солар виндс“ до сомневањата за труење на водечкиот руски опозиционер Алексеј Навални.

– Владимир Путин му честита на Џозеф Бајден за почетокот на работата во својство на претседател на САД. Истакна дека нормализацијата на односите меѓу Русија и САД би била од интерес на двете земји и со оглед на нивната одговорност за одржување на безбедноста и стабилноста во светот тоа би било од интерес и на меѓународната заедница – се вели во соопштението за разговорот што го објави Кремљ.

Прес-секретарката на Бајден, Џен Псаки, рече дека тој го почнал телефонскиот повик со намера да разговара за СТАРТ (договорот за ограничување на стратешкото нуклеарно вооружување), кој администрацијата на Бајден се надева дека ќе го продолжи, руската агресија во Украина, кибер-нападот на „Солар виндс“, чиј обем сè уште се утврдува, извештаите дека Русија давала награди за елиминација на американски војници што служат во Авганистан, мешањето на Москва во претседателските избори во САД и труењето на Алексеј Навални.

– Неговата намера беше да разјасни дека Соединетите Американски Држави ќе дејствуваат цврсто во одбрана на нашите национални интереси како одговор на малигните активности на Русија – рече Псаки истакнувајќи дека повикот се случил за време на нејзиниот брифинг и дека поцелосно резиме ќе објави подоцна.

Според информациите од светските медиуми, кај двете страни има волја најбргу што може да ги завршат неопходните процедури за натамошно функционирање на договорот за заемно ограничување на ракетно-нуклеарните арсенали.

Договорот истекува на 5 февруари.

Повикот дошол на барање на Москва, соопштија американски дипломатски извори, кои додаваат дека Бајден сакал најпрвин да разговара со европските лидери и неговите советници пред да оствари телефонски разговор со Путин.