Првото од шпанските „украдени бебиња“ ја реши животната сложувалка

139

Инес Мадригал, која била одвоена од родената мајка во 1969 година, пронајде втор братучед благодарение на една американска компанија

Ел паис

Првата жена која шпанските судови ја признаа како едно од таканаречените „украдени бебиња“, откри дека успеала да го лоцира нејзиното биолошко семејство по 32 години потрага.

Благодарение на базата со ДНК-податоци во САД, Инес Мадригал стапила во контакт со втор братучед кој ѝ кажал дека нејзините биолошки браќа и сестри исто така се во потрага по неа.

Во изминатите десетина години беше откриено дека за време на диктатурата на Франциско Франко, цела мрежа на калуѓерки и доктори во одредени болници ги краделе бебињата на сиромашните семејства или на самохрани мајки и потоа им ги давале на богати родители кои не можеле да имаат деца. Се смета дека ваквата мрежа функционирала до 1990 година и по смртта на Франко во 1975 година, како и по враќањето на демократијата во Шпанија на крајот на 1970-тите години. Лани во октомври, мадридскиот провинциски суд откри дека Едуардо Вела, пензиониран доктор кој сега има 86 години, сторил три кривични дела за кои беше обвинет во процесот за првото „украдено бебе“ во Шпанија, во кој беа вклучени грабнување на дете, лажирање на раѓање, фалсификување на изводи на родени и други официјални документи поврзани со Мадригал. Сепак, тој не доби затворска казна или каква било друга казна, поради тоа што делото било застарено.

На прес-конференцијата одржана во Мадрид, Мадригал пронаоѓањето на нејзиното „вистинско семејство“ го опиша како „триумф“, иако новостите за неа беа горчливи затоа што открила дека нејзината биолошка мајка починала во 2013 година на 73 годишна возраст.

Мадригал е родена во 1969 година во клиниката Сан Рамон во Мадрид, но била дадена на „подарок“ од страна на докторот Вела на посвоителката Инес Перез која исто така починала во 2013 година во текот на судскиот процес за посвојувањето. Во текот на судскиот процес, Перез тврдела дека не платила воопшто за детето и дека бебето било дадено на посвојување затоа што го родила мајка која веќе била во брак, но таткото не бил нејзин сопруг.

Клиниката Сан Рамон била затворена во 1982 година, а регистарот на родени од болницата не е пронајден. За време на судењето, Вела тврдел дека не се сеќава на настаните.

Мадригал дознала дека е посвоена од родителите кога имала 18 години. Во 2010 година, нејзината мајка ѝ ја кажала вистината за нејзиното раѓање.

– За првпат ја составив сложувалката на мојот живот – изјави Мадригал пред новинарите во четвртокот, објаснувајќи дека ги пренела информациите до мадридскиот провинциски суд, за да можат да се предадат во Врховниот суд кој ја испитува жалбата против изречената казна за доктор Вела.

По избивањето на скандалот, некои здруженија на жртвите проценија дека можеби биле вмешани околу 300.000 лица. Во 2012 година, откако била доставена групна тужба од над 250 семејства, јавниот обвинител направил анализа на дејствијата на мрежата која се состоела од „информирање на мајката и на членовите на семејството на новороденчето дека бебето починало. Откако болницата ќе се погрижела за останките, детето се предавало на други луѓе“.

Во моментов не е познато колку Шпанци се обратиле до меѓународните ДНК-банки во обид да ги пронајдат нивните биолошки семејства. Но секој успешен случај им дава надеж на оние кои го бараат своето потекло.

Овие компании, кои им овозможуваат на клиентите да го истражуваат нивното етничко потекло и да го изградат нивното семејно стебло, ги прегледуваат генетичките примероци со кои располагаат. Ваквите компании не се толку присутни на шпанскиот пазар за разлика од англо-американскиот. Жртвите на шпанската мрежа велат дека најпознати фирми се „Мај херитиџ“ и „23 енд ми“ кои анализираат повеќе генетички маркери од шпанските лаборатории, со кои се открива сродството.

Подготвила: Билјана Здравковска