Првомајски протести ширум светот, апсења во Турција

1069

Ширум светот денеска по повод Денот на трудот се одржуваат протестни собири и маршеви со барање владите да се посветат на прашањата на работниците. Во некои држави властите ограничија протестни активности, а во Турција тоа резултираше со апсења.

Полицијата во Истанбул уапси повеќе од десет демонстранти кои тргнаа на марш кон градскиот плоштад Таксим спротиставувајќи се на забраната. Турција забрани поради безбедносни причини пристап до тој плоштад на 1 мај, но мала група од околу 25 луѓе се обиде со сила да дојде до Таксим.

Таксим е со посебна симболична вредност за работничкото движење во Турција имајќи предвид дека во 1977 година 43 луѓе беа убиени таму за време на одбележување на 1 Мај кога врз демонстрантите беше пукано од зграда во близина.

Во Манила денеска илјадници филипински работници маршираа по повод празникот на трудот и во знак на протест поради како што наведуваат неисполнети предизборни ветувања на претседателот Родриго Дутерте дека ќе стави крај на краткорочните договори за вработување.

Повеќе од осум илјади полицајци се рапсоредени во Манила поради протестните маршеви во кои учествуваа над 10 илјади луѓе. Протести имаше и во други градови на Филипините каде се бараа повисоки плати и повобри услови за работа.

Во центарот на Сеул се себраа илјадници членови на синдикати барајќи зголемување на минималната плата и доделување статус регуларно вработтени за сите нерегуларно ангажирани работници како и рамноправен третман. Полицијата тврди дека имало околу 10 илјади луѓе на протестите.

Во Индонезија се собраа околу 10 илјади работници од разни сектори кои бараа повисоки плати и запирање на вработувањата за странци.

Над три милиона луѓе во цела Русија учествуваат во првомајските демонстрации. Тоа го тврди претседателот на Федерацијата на независни синдикати во Русија, Михаил Шмаков.

– Одбележуваме со демонстрации кои веќе се одржаа во Владивосток, Новосибирск и Краснојарск, изјави Шмаков пред учесниците во Москва.

Според него демонстрациите во целата држава минуваат под мотото – Достоен труд и праведна социјална политика.

Во центарот на Москва има над 150 илјади луѓе кои демонстрираат, соопшти полицијата

Премиерот на Камбоџа Хун Сун го поминува денот со околу 5.000 работници од текстилни фабрики близу главниот град, а на работниците им се заблагодари најавувајќи за секој од нив помош од 50.000 риели (12.5 долари).