Првиот човек на малезиското цивилно воздухопловство поднесе оставка

119

Главниот директор на малезиското цивилно воздухопловство Азхарудин Абдул Рахман денеска поднесе оставка, еден ден по објавувањето на извештајот за истрагата која не содржи ниту еден нов податок за неразјаснетото исчезнување на авионот на „Малезијан Ерлајнс“ МХ370 во 2014 година, со 239 патници.

Во извештајот претставен вчера пред семејствата на жртвите во министерството за сообраќај, се наведува дека „истражителите не можеле да ја утврдат точната причина за исчезнувањето на МХ370“, што предизвика бес кај луѓето што ги загубиле своите блиски.

Во документот од 400 страници се наведуваат бројни грешки на воздушните контроли во Малезија и Виетнам, особено во поглед на активирањето на „фазата на итност“ откако Боингот 777 исчезна од радарите.

Дека воздушната контрола не ја почитувала вообичаената процедура, потврди и главниот директор на малезиското цивилно воздухопловство.

– Поради тоа, со жалење и долго размислување решив да поднесам оставка – рече Рахман.

Авионот на 8 март 2014 година полета од Куала Лумпур кон Пекинг. По исчезнувањето на леталото, Австралија, Малезија и Кина сė до јануари 2017 година трагаа по исчезнатиот Боинг.

Никаква трага од авионот не беше пронајдена во зоната на пребарување од 120.000 квадратни километри во јужниот дел на Индискиот Океан.