Пратениците во Хонгконг испрскаа смрдлива течност во парламентот во знак на протест

38

Полицијата и пожарникарите влегоа во парламентот во Хонгконг откако двајца продемократски пратеници испрскаа смрдлива течност во знак на протест против масакрот на плоштадот Тијананмен пред 31 година, со што ја прекинаа седницата за законот за криминализирање на непочитувањето на кинеската химна.

Пратениците Еди Чу и Реј Чан за време на расправата за контроверзниот закон со кој би се криминализирало непочитувањето на кинеската химна, испрскале смрдлива течност, по што чуварите ги отстраниле.

По инцидентот во парламентот пристигнале полицијата и пожарникарите.

– Смртоносна држава смрди засекогаш. Она што го направивме денес е да го потсетиме светот дека никогаш не треба да и прости на Кинеската комунистичка партија за убиството на својот народ пред 31 година – рече Чу, пред тој и Чан да бидат отстранети од парламентот.

Конечно гласање за законот се очекува подоцна, додека луѓето низ Хонгконг се обидуваат со палење свеќи да го одбележат масакрот на плоштадот Тијананмен од 1989 година со кој кинеската партија го скрши продемократскиот протест, во времето на распаѓањето на комунистичките режими во Источна Европа.

На граѓаните на Хонгконг обично им е дозволено да го одбележат Тијананмен во Викторија парк, но оваа година тоа беше забрането поради пандемијата на коронавирус.