По седум дена, пристигна брод со повеќе од 300 мигранти во Шпанија

52

Шпански спасувачки брод со повеќе од 300 мигранти спасени во море денеска пристигна во Шпанија, со што заврши неговото седумдневно пловење по западниот дел на Средоземното Море, пренесува МИА.

Бродот „Пружени раце“ (Open Arms), кој е во сопственост на шпанската добротворна организација „Проактива Опен Армс“, во саботата доби дозвола да пристигне во Шпанија, откако Италија и Малта не му дозволија пристап до нивните пристаништа.

Друг брод на организацијата ги снабдил со неопходни намирници и лекови за Божиќ сите 311 мигранти. Децата на бродот добиле новогодишни капи, а организацијата објави видео на кое се гледа како спасувачите си играат со децата на Бадник и им даваат боенки.

Во саботата, бебе старо два дена и неговата 23-годишна мајка беа спасени од бродот и беа однесени на Малта. Мигрантите биле спасени од три брода покрај брегот на Либија.

Според агенцијата на ОН за бегалци, годинава над 2.200 мигранти ги загубиле животите при обид да го поминат Средоземното море со несоодветни чамци на шверцери, а 119.336 лица стигнале до Европа.