По коронавирусот и морбилите, Конго е нападнат и од ебола

111

Смртоносниот вирус ебола повторно изби во Демократската Република Конго, која веќе беше погодена од моментно најголемата светска епидемија на морбили, како и од коронавирусот, пренесува „Њујорк тајмс“.

Министерството за здравство на Конго соопшти дека еболата усмрти четири, а зарази уште најмалку две лица во Мбандака, градот со 1,2 милиони жители. Во понеделникот имаше и петта жртва на заразата според податоците на УНИЦЕФ.

Пред помалку од два месеца Конго се подготвуваше да прогласи крај на епидемијата на ебола во источниот дел од државата, која траеше речиси две години и усмрти повеќе од 2.275 луѓе. Но, на два дена до одлуката беше забележан нов случај. Властите, сепак, истакнуваат дека заразата е во финалните фази.

Не е јасно како еболата се појави во Мбандака, која е оддалечена околу 1.200 километри од истокот на државата. Конго има рестрикции за движење низ државата поради ширењето на коронавирусот. Забележани се и 3.049 заболени од ковид-19 и 71 смртен случај, но тестирањето е ограничено, па не може точно да се утврди обемот на ширењето на заразата.

Згора, повеќе од 350.000 жители на Конго се заразени од сипаници уште од јануари минатата година, а повеќе од 6.500 починаа од болеста.

Ова не е прв случај на избивање на ебола во Мбандака, каде што појавата на болеста во мај 2018 година резултираше со 54 заразени и 33 смртни случаи. Ширењето беше ставено под контрола со вакцините доставени од Светската здравствена организација.

Еболата, именувана по истоимената река во Конго, каде што беше идентификувана во 1976 година, усмртува околу половина од заразените. Најголемото избивање на смртоносната болест во Западна Африка беше забележано во 2014 година, кога починаа повеќе од 11.000 луѓе. Оттогаш беа развиени вакцини и методи на лекување кои можат да го ограничат ширењето на заразата.