По големите пожари, Австралија се справува и со поплави

62

Силни грмежи и обилни врнежи од дожд утрово зафатија делови од источното крајбрежје на Австралија, затворајќи дел од главните патишта поради поплавување. Во исто време, делови од Австралија, каде немаше врнежи од дожд, трае борбата со околу 100 пожари во кои досега загинаа 29 лица, уништени се повеќе од 2,5 илјади куќи и запалена е површина со големина на Германија.
       
Државите Викторија, Нов Јужен Велс и Квинсленд кои се најпогодени од сушата и пожарите, сега се борат со обилни врнежи од дожд и поплави. Патиштата во Квинсленд се затворени, како и многу паркови и туристички атракции, а некои станбени области се поплавени.
        
Во делови на Нов Јужен Велс за време на бурата имало прекин на електрична енергија, а официјалните лица соопштија дека обилните дождови би можеле да помогнат да се стават под контрола 75 пожари, пренесува Ројтерс. Десетици пожари сè уште горат во Викторија, но наредбата за евакуација во планинските делови е укината.