По Белгија и Австрија ги укинува рестриктивните мерки

203

Австрија нема да ги продолжи рестриктивните мерки и ограничувањето на слободата на движење по 30 април, објавија западните медиуми.
– Општите мерки за заклучување во Австрија истекуваат на крајот на април и тие нема да бидат продолжени – рече министерот за здравство Рудолф Аншобер.

Тој додаде дека во земјата ќе биде дозволено да се соберат до 10 лица, а главниот услов за јавноста е да продолжи да ги почитува правилата за дистанцирање. Претходно како што објавија медиумите беше донесена и одлука за продолжување на учебната година, и тоа првенствено за матурантите на 4 мај и потоа за учениците од основните училишта од 15 мај.

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, завчера изјави дека не може да вети оти сè ќе се врати во нормала прекуноќ, но тој додаде дека ќе стори сè за да им ја врати слободата на граѓаните, од која беа лишени како резултат на борбата против ковид-19. Курц во исто време истакна дека коронавирусот претставува голем предизвик за Австрија, но дека верува оти овој пат, како и од претходните кризи земјата ќе излезе како победник.

Во меѓувреме, во Австрија минатата недела беа отворени и дел од продавниците, но и шопинг-центрите додека бројот на луѓето заболени од коронавирусот достигна 15.227 и имаше 549 починати лица.