Поштенскиот бомбаш ја тероризира Холандија, барајќи биткоин исплата

240

Вработените во поштата во Амстердам, како и стотици други во компаниите ширум Холандија постојано се на штрек поради низата испратени писма-бомби. Непознатиот испраќач бара трансфер на пари во форма на криптовалутата биткоин, пренесува „Њујорк тајмс“. 

За време на распределувањето на пратките, вработен во поштата во Амстердам чул невообичаен шум што доаѓал од едно писмо кое го држел. Тој бргу го фрлил писмото, по што тоа експлодирало.

Помалку од еден час подоцна, во градот Керкраде, во близина на германската граница, експлодирала втора пратка испратена до локална бизнис-компанија. Во двата инцидента нема повредени лица, а експлозиите не би предизвикале фатални повреди, информира холандската полиција.

– Претпоставуваме дека нападите се поврзани бидејќи станува збор за истото барање во сите писма. Не знаеме кој е испраќачот, се уште истражуваме – вели Лекс ван Либерген од холандската полиција. 

Но, Либерген не открива колку пари, во форма на криптовалутата биткоин, побарал изнудувачот, ниту како треба да биде извршен трансферот.

Писмата-бомби биле испратени до повеќе хотели, бензински пумпи, агенција за недвижности, автосалони и седиште на една банкарска служба. 

Ваквиот начин на изнудување беше употребен во 2015 година, откако писма со експлозив беа испратени до неколку големи маркети. Доказите водеа до 58-годишен маж кој беше уапсен и осуден на осум години затвор. 

Холандската полиција денес пронајде и деактивира уште едно писмo-бомба што пристигна во канцеларијата на ИТ-компанија „Унисис“ во близина на Утрехт.  Полицијата ги повика граѓаните да бидат претпазливи доколку најдат вакви пратки. Како и вчера, изнудувањето е мотив за испраќање на писмото.

Во градот Мастрихт вработените во една банка повикале полиција откако добиле пратка со чуден облик, во која подоцна се испоставило дека имало компјутерско глувче.