Почеток на крајот на Доналд Трамп?

699
Спогодбата со обвинителството значи дека адвокатот Мајкл Коен, некогаш човек од голема доверба на Трамп, ќе мора во затвор на период од три до пет години

Постои голема шанса 21 август 2018 година засекогаш да остане запаметен како почеток на крајот на претседателството на Трамп. Демократите во Конгресот повторно размислуваат за импичмент на Трамп ако на изборите во ноември освојат мнозинство мандати во Конгресот, оценува весникот „Бостон глоуб“

Поранешниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека по налог на актуелниот шеф на Белата куќа користел пари од изборната кампања, за да го плати „молкот“ на неколку жени за наводните афери со контроверзниот милијардер. Адвокатот Мајкл Коен ја призна вината за шест точки од обвинението откако постигна спогодба со обвинителството. Коен уште претходно призна дека со тие пари го платил молчењето на порно-актерката Сторми Даниелс, која тврдела дека имала афера со Трамп. Признанието на адвокатот, дадено под заклетва, ѝ обезбедува правни аргументи на опозицијата за почнување постапка за импичмент на американскиот претседател, оценува Дојче веле.

Американската јавност беше особено заинтересирана за два случаи со малверзација на пари наменети за финансирање на претседателската кампања на Трамп. Особено беше интересно признанието на адвокатот на шефот на Белата куќа за наводната исплата на пари на порно-актерката. Меѓутоа, во вторникот, Коен пред судот изјави дека упатствата за таа уплата лично ги дал „кандидат за федералната канцеларија“, што, според Дојче веле, може да се однесува само на Трамп, кој тогаш беше републикански кандидат за Белата куќа. Покрај тоа, Коен призна дека пари ѝ биле исплатени и на бившата плејбој-ѕвезда Карен Мекдугал, за истата работа, односно за молчење за наводната афера со милијардерот.

Тоа во САД се смета за многу сериозна работа, бидејќи не се работи само за ненаменско трошење пари. Плаќање одредена сума за нечие молчење со тие пари би значело недозволено влијание врз изборните резултати. ФБИ во април во канцеларијата на Коен заплени снимки што адвокатот ги направил наводно два месеца пред претседателските избори во 2016 година, на кои може да се слушне како Трамп зборува за плаќање на Мекдугал да молчи. Претседателот негираше дека имал афера со неа, како и тоа дека знаел за плаќањето. Од друга страна, Трамп призна дека на Сторми Даниелс навистина ѝ било платено да молчи, но негираше дека тоа било сторено со пари од кампањата.

Другите престапи што Коен ги призна се однесуваат на даночни и банкарски измами. Неговиот адвокат Лејни Дејвис напиша на Твитер дека Коен сведочел под заклетва дека Трамп му наредил да направи прекршок, со тоа што ќе им плати на две жени, за да се влијае на кампањата.

– Ако тие плаќања се криминал за Мајкл Коен, тогаш зошто не би биле криминал и за Доналд Трамп – порача Дејвис на својот профил на Твитер.

Весникот „Бостон глоуб“ оценува дека постои голема шанса 21 август 2018 година засекогаш да остане запаметен како почеток на крајот на претседателството на Трамп. Според весникот, демократите во Конгресот повторно размислуваат за импичмент на Трамп. „Политико“ пренесува дека републикански адвокат, близок до Белата куќа, е загрижен дека сведочењето на Коен би можело да биде повод демократите да почнат постапка за отповикување на американскиот претседател ако на изборите во ноември освојат мнозинство мандати во Претставничкиот дом на Конгресот.
Ненси Пелоси, лидерката на демократските конгресмени, наскоро би можела да стане спикерка на Долниот дом и да го стави на дневен ред прашањето за импичмент на Трамп.

– Признанието на Коен дека платил стотици илјади долари за молчење, и тоа по барање на кандидатот за да влијае на изборите во 2016 година, покажува дека тврдењата на претседателот оти ништо не знаел се далеку од точни и го става претседателот во уште поголема правна опасност – изјави Пелоси.

Си-ен-ен пренесува дека спогодбата со обвинителството на адвокатот значи дека Коен, некогаш човек од голема доверба на Трамп, ќе мора во затвор на период од три до пет години. Пресудата ќе биде соопштена на 12 декември, а кауцијата за останување на слобода е одредена на половина милион долари. Од претресот на ФБИ сѐ почести беа шпекулациите дека Коен би можел да сведочи во замена за намалување на казната. Се претпоставува дека тоа ќе биде еден од поважните делови на мозаикот, кој го составува специјалниот обвинител Роберт Мулер, чија главна задача е да ја истражи наводната соработка помеѓу изборниот тим на Трамп и Русија.

Претседателот Трамп неколкупати порача дека истрагата претставува лов на вештерки и ги отфрли сите обвинувања. Официјална Москва исто така ја негираше вмешаноста во американските избори. Истрагата на Милер од мај минатата година доведе до обвиненија против 30 лица, од кои петмина во спогодби ја признаа вината. Бившиот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Менафорт, завчера беше прогласен за виновен за осум од шеснаесетте точки на обвинението, главно за затајување данок. Менафорт затаил 16 милиони долари, кои ги заработил како советник на проруските политичари во Украина. Висината на казната ќе биде одредена подоцна, но се очекува да биде изречена повеќегодишна затворска казна. Трамп изјави дека му е жал за Менафорт, но оти тој нема никаква поврзаност со целата работа. Тој исто така повтори дека станува збор за продолжение на ловот на вештерки. Влијателниот весник „Њујорк тајмс“ во воведниот коментар објави дека „за еден лов на вештерки, истрагата на господин Мулер веќе создаде голем број вештерки“.


Трамп тврди дека не бил информиран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека дополнително дознал дека адвокатот Мајкл Коен во текот на предизборната кампања им платил на две жени да молчат за нивниот однос со него, пренесува Ројтерс.
– Подоцна дознав. И тие пари не беа земени од средствата за финансирање кампања, туку од мене – порача шефот на Белата куќа.
Се огласи и Белата куќа, која соопшти дека претседателот Трамп не сторил ништо погрешно.
– Американскиот претседател не сторил ништо погрешно. Нема никакви обвиненија против него – изјави Сара Хакаби Сандерс, портпаролката на Белата куќа.