Потопот во „зелениот бран“ го насочи Макрон кон нов фронт

308

Емануел Макрон вети дополнителни 15 милијарди евра за мерки во борбата против климатската криза во наредните две години, како и референдум за воведување на кривичното дело „екоцид“ за наштетување на животната средина, пренесува „Гардијан“.

Мерките беа најавени неколку часа откако кандидатите кои се залагаат за заштита на животната средина поттикнаа „зелен бран“ низ Франција со значителниот успех на локалните избори, во кои партијата на Макрон не успеа да постигне задоволителен резултат.

На средбата со членовите на „Граѓанската комисија за климата“ – комитетот од 150 случајно избрани луѓе кои ги изнесоа своите мислења по деветмесечно разгледување на разни прашања – Макрон вети дополнително финансирање и силни мерки. Тој прифати 146 од 149-те предлози на комисијата. Макрон истакна дека се надева на воведување на мерките веднаш, како и на осмислување на нов закон до крајот на летото.

„Граѓанската комисија за климата“ е дел од експеримент во Франција каде што група граѓани меѓу кои има и ученици и пензионери, беше запрашана да ја дефинира политиката за заштита на животната средина во двете преостанати години од мандатот на Макрон, со потенцирање на прашањето за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 40 отсто до 2030 година.

Комисијата осмисли предлози за пет главни прашања – транспорт, домување, работа и производство, храна, како и за трошење на природните ресурси.

Резултатите од француските локални избори на кои партијата што се залага за заштита на животната средина – Европска екологија – зелени оствари значителен успех, направија одговорот на Макрон да биде уште поважен за неговата партија Марш на републиката (РЕМ). Ударот за РЕМ на изборите беше предвидлив, бидејќи партијата не забележа напредок надвор од Париз. Екологистите беа победници во неколку големи градови, вклучувајќи ги Лион, Бордо, Стразбур, Марсеј…