Потонаа бродови со мигранти кај Џибути, пронајдени 28 тела

96

Пронајдени се телата на 28 лица, откако два брода со околу 130 мигранти потонаа во близина на брегот на Џибути, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ).

Во соопштението на пограничната стража на оваа источно-африканска земја се наведува дека операциите за потрага и спасување почнале веднаш по несреќата.

Според изјави на сведоци, големи бранови довеле до превртување на преполните бродови, триесет минути откако отпловиле по разбрануваното море од Годорија, североисточно од Џибути.

Агенцијата на ОН за миграција соопшти дека 18-годишно момче кое ја преживеало несреќата било на бродот со 130 луѓе, од кои 16 жени. За другиот брод нема никакви детали.

Џибути, кој е лоциран преку Јемен и во близина на нестабилните Сомалија и Етиопија, последните години стана место за минување на мигранти кои бараат работа на Арапскиот Полуостров.

И бегалците од Јемен се обидуваат да го минат теснецот што ја дели нивната земја од Џибути.