Потенцијалниот карантин различно ќе се одрази на секого

243

Индија стана последната држава од редот земји чиј премиер Нарендра Моди прогласи национален карантин, притоа предупредувајќи дека „многу семејства ќе бидат уништени засекогаш“ ако земјата не се справи доволно добро со пандемијата на ковид-19 во наредните три недели. Индија воведува карантин и покрај фактот дека има регистрирано релативно малку случаи на заразени, вкупно 3.072, а 75 починати лица засега, во споредба со државите како Италија и Шпанија, кои имаат значително повеќе. Околу 1,3 милијарда луѓе ќе бидат принудени да се придржуваат до правилата на самоизолација, кои ќе траат 21 ден.

Многу други држави веќе вовeдоа построги мерки за справување со заболувањето, кои веќе траат по неколку недели или денови. Овие рестрикции се движат од екстремно строги, како во Франција, каде што за движење надвор од домовите е задолжително да се поседува документ или дозвола, па до либерални, како во Германија, каде што на граѓаните им е дозволено да ги напуштат своите домови, но е забрането групирање во групи поголеми од две лица. Во правец на заштита на менталното здравје на луѓето се предвидуваат мерки за подобрување на расположението на граѓаните, како пуштање музика од балкони и социјализирање преку платформите Фејстајм, Зум, Скајп и други.

Иако овие случувања не се лесни за никого, може да се заклучи дека многу потешко со состојбите се справуваат оние што живеат во помали домови и кои оттаму мораат да балансираат меѓу процесот за работа од дома и семејните обврски. Последните истражувања на оваа тема покажуваат дека просечната големина на животниот простор е различна во различни држави. Германскиот весник „Зеит“ подготви листа од различни јавни извори за овие случувања уште во 2014 година. Според медиумот, Американците живеат во најголем простор, кој се движи во просек од околу 75 квадратни метри, во споредба со луѓето во Кина, кои живеат во 30 квадратни метри.