Потврдена затворската казна за кардиналот кој злоставувал деца

38

Судот во сојузната австралиска држава Викторија ја потврди затворската казна на кардиналот Џорџ Пел, кој е осуден за сексуално злоставување деца.

Одлуката на Апелацискиот суд ја поздравија жртвите од злоставувањата и групите за заштита на правата на жртвите, кои беа собрани пред зградата на судот, пренесоа светските медиуми.

Кардиналот Пел, некогашен министер за финансии на папата Франциско, во декември минатата година беше осуден на шест години затвор за злоставување на две 13-годишни деца во катедралата Свети Петар во Мелбурн.

Неговите адвокати соопштија дека ќе бараат преиспитување на одлуката на судот и ќе поднесат жалба до највисокиот суд на Австралија.

Пел е највисокиот ватикански претставник кој досега е осуден на затворска казна, а заради пресудата австралискиот премиер Скот Морисон порача дека ќе му се одземе и австралискиот Орден на честа.

Папата Франциско минатата година отпушти тројца кардинали од својот неформален кабинет, од кои двајца, меѓу кои и Пел, беа обвинети за сексуално злоставување.