Последни кореографии пред изборниот танц

39

Во пресрет на претседателските избори во САД закажани за ноември, демократите и републиканците ги претставија своите кандидати за потпретседателската функција во Вашингтон. Администрацијата на Трамп цврсто застана зад Мајк Пенс, додека демократите ја избраа обвинителката Камала Харис

Демократите и републиканците во САД ги назначија потпретседателите како изборни џокери

По долго време тактизирање на демократите во САД во изборната кампања, нивниот претседателски кандидат Џозеф Бајден ја назначи сенаторката Камала Харис за кандидатка за местото потпретседател на државата, доколку тој победи на изборите закажани за ноември. Одлуката на Бајден, која наиде на реакција од неговиот противкандидат и актуелен претседател Доналд Трамп, во исто време е историска бидејќи Харис е првата Афроамериканка во историјата на Америка што ќе биде кандидатка за моќната потпретседателска функција во земјата. Бајден, кој самиот беше потпретседател на САД, за време на администрацијата на Барак Обама, според набљудувачите на состојбите, со овој потег призна дека афроамериканските гласачи ќе играат важна улога во неговите напори да го поразат актуелниот претседател Трамп, на изборите на 3 ноември.

– Имам голема чест да објавам дека ја избрав Камала Харис, бестрашен борец за обичните луѓе и еден од најдобрите јавни службеници во земјата, како кандидатка за потпретседател. Заедно ќе го победиме Трамп – напиша Бајден на Твитер. Ривалот на демократите, републиканецот и актуелен претседател на САД Трамп, веднаш изјави дека е изненаден што неговиот противник Бајден ја одбрал Харис за свој кандидат за потпретседател, бидејќи, како што истакна, таа била многу лоша кон самиот Бајден за време на дебатите, пренесе „Ројтерс“.
Во меѓувреме Харис преку социјалните мрежи порача дека ѝ е чест што е номинирана и дека Џо Бајден може да ги обедини Американците. Претседателската кампања на Харис во центарот на вниманието ги стави нејзините успеси како главна јавна обвинителка. Покрај левичарските тенденции за истополов брак и смртна казна, таа постојано беше напаѓана од прогресивните затоа што не била доволно прогресивна. Самопрогласената „прогресивна обвинителка“ воведе телесни камери за специјалните агенти на калифорниското биро за правда и отвори база на податоци јавно достапна за криминална статистика, но не доби силна поддршка.

Иако важи за „полицајка“, таа може да им донесе успех на демократите кај поумерените и независни гласачи. Во јавните гостувања, како што наведува Си-ен-ен, таа бараше реформи во американската полиција и често зборуваше за укинување на системскиот расизам. Таа во исто време се залага за намалување на полициските буџети, на што Бајден се противи, па истото тоа го нарече „преиспитување“ на јавната безбедност. За потпретседателскиот кандидат на Демократската партија во САД изминатите недели се дискутираше толку бурно, каков што беше случајот и со самите кандидати за претседател на демократите. Со изборот на Харис од страна на демократите за функцијата потпретседател е само третата жена во историјата на САД што е номинирана од двете партии за функцијата потпретседател.

Во 2008 година од страна на републиканците за истата функција беше номинирана Сара Пелин во времето кога Џон Мекејн беше кандидат за претседател на изборите. Предходно во 1984 година Герладин Фераро успеа да биде номинирана од страна републиканците, која тогаш беше првата жена што доби зелен билет за номинација од голема партија за функцијата потпретседател на САД. Инаку, противкандидат на Бајден на 3 ноември ќе му биде актуелниот американски претседателот Доналд Трамп како кандидат на републиканците. Како што неодамна соопшти Трамп, потпретседателски кандидат ќе биде Мајк Пенс.


Која е Камала Харис?

Педесет и петгодишната калифорниска демократка, која е кандидатка за потпретседателската функција на САД е родена во Оукленд, Калифорнија, во доселеничко семејство од мајка родена во Индија и од татко роден во Јамајка. Како дете живеела кратко во Канада, а потоа студирала на универзитетот „Хауард“ во САД, кој е еден од најистакнатите историски афроамерикански универзитети. По студиите се вработила во кабинетот на јавниот обвинител во округот Алмеда. Станала главна јавна обвинителка во Сан Франциско во 2003 година каде што подоцна во 2016 година беше избрана во Сенатот како втората афроамериканска сенаторка во историјата на Горниот дом на американскиот Конгрес. Оттогаш па наваму важи за жестока критичарка и коректорка на политиките на Демократската партија во САД.