Посетителите на Асанж биле цели на шпанска фирма што шпионирала за ЦИА

77

ЦИА имала пристап до сервер на кој компанијата ги чувала податоците на стотици луѓе кои го посетиле основачот на „Викиликс“ додека престојувал во еквадорската амбасада во Лондон

Ел паис

Автор: Хуан Марија Ирухо

Давид Моралес, директорот и сопственикот на шпанската фирма за одбрана и безбедност „Андеркавер глобал С.Л.“ задолжена за заштита на еквадорската амбасада во Лондон, за време на долгиот претстој на Џулијан Асанж, побарал од своите вработени да направат приоритетна листа од „руски и американски граѓани“ кои го посетиле сајбер-активистот, според сведоштвата и документите до кои доби пристап „Ел паис“. Компанијата наводно го шпионирала основачот на „Викиликс“ за американските разузнавачки служби, а откако овој весник ги објави откритијата, таа стана предмет на истрага на шпанскиот Врховен суд.

Моралес им дал пишани инструкции на своите вработени во Лондон за да ги предупредат однапред приоритетните цели во двете земји. Сите информации собрани за овие и други посетители биле испратени преку протокол за трансфер на податоци на сервер во Херез де ла Фронтера, седиштето на фирмата во јужна Шпанија. Тука се чувале сите информации за мобилните телефони, профилите по националност, занимањата и документите од адвокати, дипломати, новинари, доктори, итн.

Вработените во „Андеркавер глобал С.Л.“ изјавија за весникот дека ЦИА имала пристап до овој сервер и дека Моралес не сакал да го открие идентитетот на неговите „американски пријатели“ кога настанале технички проблеми и имало барање за контакт со клиентот.

Регистрираните броеви на ај-пи адреси потекнуваат од САД, а една од нив е компанија која нуди безбедносни услуги за ФБИ. Во долгогодишните извештаи на компанијата може да се забележи дека се дефинирале и менувале целите на компанијата и на „американските клиенти“ во согласност со тогашниот развој на настаните на светската сцена.

Интересот на шпанската компанија за руските граѓани двојно се зголемил поради сомнежите дека основачот на „Викиликс“ бил поврзан со руските разузнавачки служби, нешто што тој отсекогаш го негирал. Интересот за руските посетители на Асаж особено се засилил откако се појавиле сомнежи дека сакал да избега од амбасадата во 2017 година со еквадорски дипломатски статус и да замине за Русија што самиот тој и неговите адвокати го негираат. На Глен Гринволд, човекот кому Едвард Сноуден му се обрати за да ја открие масовната шпионажа на НСА, му биле фотографирани руските визи во пасошот и неговиот мобилен телефон. Слично се постапувало и со руските новинари кои го посетувале Асанж.

Американските посетители биле шпионирани поради интересот да се открие кој го поддржувал човекот што откри милиони тајни воени операции на САД во Ирак и во Авганистан, но детално биле следени десетици лица кои редовно го посетувале Асанж во амбасадата за време на седумте години. Вработените во „Андеркавер глобал С.Л.“ учествувале во следењето и ги фотографирале мобилните телефони на американските новинари, според сведоштвата и графичките документи до кои дојде весникот „Ел паис“. Посетите постојано биле под надзор, биле снимани со видео-камери, биле подготвувани извештаи со разговорите и потоа биле испраќани на серверот во Херез де ла Фронтера до кој имала пристап ЦИА.

Сите посетители на Асанж во амбасадата имале обврска да ги предадат нивните чанти, компјутери, електронски уреди и мобилни телефони при безбедносниот претрес. Адвокатите, новинарите, политичарите, докторите и пријателите на Асанж не знаеле дека дел од нив Моралес ги сметал за „приоритетни цели“. Тоа вклучувало извештаи за секој од нив со датум на посетата, копија од нивниот пасош, содржината на разговорот и видео-снимка од состанокот. Во неколку наврати биле отворани и нивните мобилни телефони за да биде лоциран и фотографиран меѓународниот код за идентификација на уредот (ИМЕИ) што е најважна алатка за хакирање на нечиј телефон, така што кога тој се вклучува на мрежа, кодот за идентификација автоматски се испраќа.

Моралес, кој е поранешен припадник на пешадиската единица за специјални операции во шпанските маринци, од неговиот тим побарал во „доверлив“ мејл да му испратат информации од составот на ѕидовите од собата на Асанж, фотографии од внатрешноста, изгледот на мебелот, податоци за безжичниот Интернет и официјалната листа на телефонски броеви во амбасадата. Тој исто така сакал да знае кој живее во останатиот дел од зградата која се наоѓа во населбата Најтсбриџ во централен Лондон.
На приватните состаноци со неговите колеги, сопственикот на шпанската фирма се пофалил дека „игра во првата лига“ и дека „преминал на темната страна“. Неговите посети во САД зачестиле, а во еден од неговите мејлови барал од колегите „внимателно да се грижат за неговата локација“.

Видео-камерите со вградени микрофони постојано снимале во разни делови од амбасадата почнувајќи од есента во 2017 година, а оригиналните хард-дискови биле однесени во Шпанија и предадени на Моралес. Моралес не одговорил на барањата да ја сподели својата верзија на настаните.

Превод: Билјана Здравковска