Поранешниот шпански крал ја напушти државата насред обвинувањата за корупција

441

Поранешниот шпански крал Хуан Карлос Првиот (82) кој ја водеше државата во транзицијата од диктатура до демократија, ја напушти Шпанија откако неговото име беше поврзано со истрага за можна корупција, пренесуваат светските медиуми.

Во писмо до неговиот син, сегашниот крал Фелипе Шести, Хуан Карлос пишува дека ја донел одлуката да замине „при соочувањето со одекот на јавноста создаден од одредени настани од минатото“.

Гласноговорник на шпанското кралско семејство соопшти дека Хуан Карлос ја напуштил државата, без да открие каде заминал. И неговиот адвокат Хавиер Санчез-Хунко тврди дека не знае каде отпатувал поранешниот крал.

Шпанските и светските медиуми известуваа за финансиските зделки на Хуан Карлос уште пред неговата абдикација во 2014 година, како и за обидите на неговиот син да се дистанцира од татка си. Абдикацијата на Хуан Карлос се случи во екот на скандалот предизвикан од неговиот лов на слонови во Боцвана за време на финансиската криза во 2012 година.

Швајцарското обвинителство моментно ги испитуваат документите во кои се тврди дека Хуан Карлос наводно примил сто милиони долари од саудискиот крал во 2008 година.