Поранешниот шеф стана најголемиот непријател на Ндрангета

223
Луиџи Бонавентура е клучен сведок на судењето против мафијашкото семејство

Четириесет и деветгодишниот Луиџи Бонавентура, кој е поранешен шеф на Ндрангета, една од најмоќните криминални мрежи во Италија, реши да се сврти и да сведочи против неговото мафијашко семејство, пренесува „Дојче веле“

Бонавентура почнал да соработува со властите во 2006 година, со што помогнал во апсењето на 500 членови на Ндрангета. Поради ова, тој е во постојана опасност, постојано е нервозен и на штрек. Злосторствата од неговото минато постојано го прогонуваат во сон.

– Еден ден се разбудив и си реков: Морам да станам подобар – објаснува Бонавентура. 

В среда започна судскиот процес за 350 осомничени членови на Ндрангета. Меѓу осомничените има адвокати, политичари, деловни луѓе и криминалци, а се очекува судењето во Ламезија Терме, во јужниот регион Калабрија, да трае две години. 

– За властите беше тешко да им влезат во трага, бидејќи осомничените се движат слободно во сенките. Мрежата оперира во Италија, но и надвор од границите на земјата – вели Бонавентура. 

Ндрангета на почетокот доаѓала до пари преку киднапирања, а подоцна го проширила замавот на градежништво, како и на меѓународната трговија со дрога. Се верува дека увезувале кокаин од Јужна Америка за европскиот пазар. 

Дедото на Бонавентура, Луиџи Врена, бил голем шеф во семејството, а од него очекувале и тој да го продолжи семејниот обичај. Татко му го тренирал да биде војник на мафијата уште во детството кога Бонавентура се играл со вистинско оружје, а вежбал пукање ловејќи животни и учел како да биде издржлив на болка и насилство. 

„Ти немаш детство“, биле зборовите на неговиот татко. Подоцна, кога станал повозрасен, Бонавентура бил испраќан во други области со цел да се запознае со регионот, обичаите и дијалектите, на тој начин станувајќи т.н. „спијач“ во служба на мафијата.

Во 90-тите години на минатиот век бил повикан во Калабрија поради војна која избила помеѓу неговото и друго семејство, со што станал „активен војник“ кој уценувал, убивал и криумчарел дрога. За време на сведочењето, тој посочи дека никогаш не убил никој што е невин. Тој му се одмаздил на другото семејство откако било убиено едно од децата во фамилијата. 

Бонавентура, благодарение на поддршката од неговата сопруга и по раѓањето на нивното второ дете, решил да го напушти животот што го водел. Но, за да го стори тоа,  требало да се сврти против семејството. Досега малкумина мафијаши имале храброст да го сторат она што тој го сторил. Откако започнал да соработува со властите, Бонавентура поминал десет години во затвор.

По ослободувањето, тој и неговата сопруга основале здружение за заштита на оние кои сакаат да се оттргнат од канџите на мафијата. Тие сакаат да охрабрат и други членови да го сторат истиот чекор, а се борат властите да понудат поголема поддршка за сите што сакаат да го напуштат организираниот криминал.

– Ндрангета изминативе години зазема нов тек. Шефовите веќе не ги обучуваат своите деца да бидат убијци, туку наместо тоа, инвестираат во нивното образование, така што тие ќе постанат „економски криминалци, односно банкари и адвокати“ – вели Бонавентура. Тој се надева дека со тековното судење ќе се расветлат нивните практики и организациски структури.