Поради откуп киднапирани двајца ученици на Кипар (видео)

35

Барање откуп бил мотивот и целта на 35-годишен маж, кој вчера киднапираше двајца ученици во кипарскиот град Ларнака, а по обемната акција на полицијата, момчињата беа ослободени по околу осум часа.

Според кипарската полиција, осомничениот киднапер денеска го признал делото и рекол дека тоа го сторил за да бара откуп.

На киднаперот му беше одредена осумдневна мерка притвор.

Според кипарските медиуми, на 10-годишните Филипос и Темистоклис, кои биле со уште друга група ученици, вчера наутро пред нивното училиште им пришол сега веќе уапсениот маж и им рекол дека е нов наставник, дека има проблем со раката и побарал помош од нив за пренесување на книги.

Двете момчиња тргнале кон неговиот дом што се наоѓал во близина на училиштето, а моментот бил снимен од безбедносни камери и видеото денес го објави кипарската телевизија „Сигма“.

Откако учениците не се појавиле на настава, била известена полицијата и родителите, а нивните фотографии објавени во медиумите. По околу осум часа, кипарската полиција, по добиени информации од граѓани, ги пронашла 10-годишните момчиња и ги ослободила, а киднаперот бил уапсен.

Командирот на кипарската полиција потврди дека учениците немале никакви физички повреди.

Дел од кипарските медиуми објавија дека 35-годишниот на учениците им дал сок во кој имало средства за смирување.