Помпео: САД не сакаат војна со Иран

34

Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео порача дека САД не сакаат војна со Иран. Помпео имаше кратка средба со рускиот претседател Владимир Путин во градот Сочи.

– Во суштина, не сакаме војна со Иран – истакна американскиот секретар во текот на разговорите со Путин.

Помпео додаде и дека во разговорите со својот руски колега Сергеј Лавров ја повикал Русија да ја прекине поддршката за венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Политичката ситуација во Венецуела е сѐ поголем проблем во односите помеѓу Вашингтон и Москва, бидејќи САД го признаваат опозицискиот лидер Хуан Гваидо за привремен претседател, наместо избраниот лидер Мадуро.

Државниот секретар на САД исто така порача дека е разбирливо оти секоја земја сака да ги заштити своите интереси, но оти постојат области од заемна корисна соработка, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот.


Вашингтон итно го повлекува американскиот персонал од Ирак

Администрацијата во Вашингтон издаде итна наредба за повлекување на американскиот персонал од Ирак. Американската амбасада во Багдад соопшти дека има наредба целиот нејзин персонал што не е за „итни случаи“ веднаш да го врати во САД. Американските власти во неделата ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Ирак, а исто така е суспендирано и издавањето визи. Ваквиот чекор следува во период на зголемени тензии на релацијата САД – Ирак, но и сѐ погласното тропкање со оружје помеѓу Вашингтон и Техеран.