Помпео останува главен преговарач за денуклеаризацијата на Северна Кореја

133

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави денеска дека американската дипломатија ќе продолжи да работи на денуклеаризација на Северна Кореја, еден ден откако официјалниот претставник на Северна Кореја рече дека неговата земја повеќе не сака Помпео да учествува во преговорите.

– Ништо не е сменето. Ќе продолжиме со преговорите, уште сум на чело на тимот. Претседателот Доналд Трамп, секако, е на чело на целата дипломатија, но тимот ќе биде мој – истакна Помпео во Вашингтон.

Севернокорејската државна новинска агенција КЦНА вчера соопшти дека Пјонгјанг не сака повеќе американскиот државен секретар Мајк Помпео да учествува во нуклеарните преговори.

– Се плашам дека атмосферата ќе биде лоша и дека разговорите повторно ќе дојдат во застој ако Помпео продолжи да учествува во преговорите – изјави претставникот на севернокорејското Министерство за надворешни работи Квон Џонг-гун.

Тој додаде дека при евентуално продолжување на дијалогот со САД, во кој нема да учествува Помпео, туку повнимателно и позрело лице во комуникациите.

– Никој не може да ја предвиди ситуацијата на Корејскиот Полуостров ако САД се откажат од клучната причина поради која Пјонгјанг е принуден да развива нуклеарна програма – посочи Квон, без да ја прецизира изјавата.