Помпео го повика Ватикан да го осуди кршењето на верските слободи во Кина

32

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го повика Ватикан да им се придружи на САД во осудата за наводното кршење на верските слободи во Кина.

Тој изјави дека Католичката црква треба да ја води борбата за основните човекови права.

На конференцијата за верска слобода, организирана од американската амбасада во Ватикан, Помпео рече дека никаде во светот верските слободи не се нападнати толку многу како во Кина, пренесува АП.

– Ние мора да ги поддржуваме оние кои бараат поголеми слободи – рече Помпео.

Во исто време, тој повика на поголема посветеност на верските водачи и да се заложат за сите верници.

Секретарот на Светата столица за односи со државите, Пол Ричард Галагер, истакна дека Ватикан ја нагласува важноста на дијалогот и заемното почитување во сите свои дипломатски односи.

Во пресрет на неговата посета на Ватикан, Помпео напиша есеј објавен во магазинот „Фрст тингс“, во кој посочи дека Ватикан го загрозил својот морален авторитет со потпишување на договор со Пекинг во 2018 година.

– Близината на посетата на Помпео на Ватикан со претседателските избори во САД е причината зошто Светиот Отец не го прими државниот секретар на САД – рече Галагер.

Наместо со папата, Помпео се состана со Галагер и со државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин.