Помпео во Унгарија предупредува на „Хуавеј“

40

САД ќе бидат приморани да го намалат опсегот на некои операции во Европа и на други места, ако државите од тие подрачја продолжат да соработуваат со кинеската компанија „Хуавеј“, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео при посетата на Унгарија.

„Хуавеј“ е многу присутен во Унгарија, а Помпео рече дека на премиерот Виктор Орбан и другите функционери ќе им објасни дека соработката со таа компанија претставува ризик за информатичката безбедност и приватност и оти би можела да влијае врз соработката со САД.

Вашингтон е многу загрижен поради ширењето на „Хуавеј“ во Европа, особено во членките на НАТО, како што е Унгарија, потсетуваат светските агенции.

– Тие се суверена држава. Донесуваат сопствени одлуки за ваки работи. Она што е императив, е со нив да ги поделиме сознанијата што ги имаме за ризикот кој го претставува присуството на „Хуавеј“ во нивните мрежи и вистинските ризици за народот. По губењето на приватноста на нивниот народ, реален е ризикот дека Кина тоа ќе го искористи на начин кој не е во најдобар интерес на Унгарија. Имаме обврска тоа да го поделиме со нив и ќе го направиме тоа. Но, ова го гледаме ширум светот. Тоа исто така создава проблеми за американското присуство, односно ако таа опрема е присутна таму каде што има важни американски системи, ни отежнува да бидеме партнери- рече Помпео.

САД повеќе пати ја обвинија Кина дека користи технологија за да краде тајни, додека официјален Пекинг го демантираше тоа и порача дека САД сакаат да ги „задушат“ конкурентите.