Полскиот премиер: Гасоводот „Северен тек“ е опасен за Европа

182

Гасоводот „Северен тек 2“ е како Европа да инвестира во руско оружје и е опасен за Европа, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки за време на дискусијата во Атлантскиот совет, пренесува полскиот портал „Бизнес-алерт“.

– Не мислам дека во Полска постои силна антируска реторика. Сепак, има некои прашања што не ни се допаѓаат – на пример, ‘Северен тек 2’“ – рече Моравјецки додавајќи дека изградбата на гасоводот е како Европа да вложува пари во руско оружје.

Шефот на полската влада го критикува ставот на Германија во врска со изградбата на рускиот гасовод. Моравјецки посочи дека во владејачката партија во полскиот парламент постојат разни мислења кога станува збор за односите со Германија, меѓутоа, Варшава не го прифаќа „Северен тек 2“.

Според полската страна, „европските пари за тој гасовод се финансираат од руско оружје“, истакна премиерот и додаде дека со овој проект ќе ѝ се овозможи на Москва да ја отсече Украина од снабдувањето со гас во Европа, а потоа да прави што сака со таа земја , пренесува „Спутник“.

– Затоа ‘Северен тек’ и ‘Северен тек 2’ претставуваат таква опасност за нашиот регион. Токму затоа ја критикуваме Германија – заклучи Моравјецки.