Полската политичка сложувалка на Доналд Туск

56

Доналд Туск веројатно е еден од најуспешните политичари во историјата на Полска, и неговото враќање во полската политика би можело или да го зацврсти тој статус, или да ја оцрни неговата репутација и да го претвори во губитник, анализира „Политико“.

Во Брисел и во Варшава се шпекулира дека Туск, кој е претседател на Европскиот совет, сака да ја заврши неговата политичка кариера со кандидатура на престојните претседателски избори во неговата земја, следниот мај. Според „Политико“, проблемот се состои во тоа што анкетите покажуваат дека тој би загубил од актуелниот претседател Анджеј Дуда, кој има одлична соработка со владејачката партија Право и правда.

– Туск не смее да загуби. Доколку тој се врати во Полска и загуби од Дуда, тоа ќе значи политичка пензија за него. Тој би се вратил само ако има голема шанса за победа – рече новинарот Михал Шулѕински.

Туск (62) беше избран за пратеник во 1991 година, доживеа неуспех на претседателските избори во 2005 година, но беше избран за премиер во 2007 и повторно во 2011 година. Потоа, тој се пресели во Брисел и го презема раководењето со Европскиот совет во 2014 година.

Неговото заминување предизвика сериозни проблеми за неговата партија, која во 2015 година загуби и на претседателските и на парламентарните избори од партијата Право и правда. Оттогаш, Полска од успешен пример за пост-комунистичка трасформација се промени и стана еден од најголемите проблеми кои ја притискаат Унијата, нешто што Туск го гледа со длабоко жалење, посочува „Политико“.

Големата популарност на сегашниот претседател Дуда суштински ги намалува шансите на Туск. Нејасно е дали големото исуство на Туск и неговата успешна работа во Европскиот совет ќе бидат негова предност во кандидатурата. И покрај престижната функција и големата популарност на ЕУ во Полска, владините медиуми во земјата го прикажуваат како пион на германската канцеларка Ангела Меркел, па дури и како германски агент.

Така, Полјаците се поделени за тоа дали тој треба да се врати во националната политика и анкетите покажуваат дека 34 отсто од нив мислат дека тоа е добро, додека 44 отсто се противат и не сакаат повторно да го видат Туск во полската политика.