Полицијата ја презеде контролата над улиците во Барселона, уапсени 27 лица

78

Каталонската и шпанската полиција ја презедоа контролата над улиците во Барселона и другите каталонски градови по синоќешните насилни протести. Полицијата со гумени куршуми и солзавец ги растерала демонстрантите, кои шест часа ја блокирале Барселона.

Вчера вечерта дојде до најжестоките судири на каталонските поддржувачи на независност и полицијата од почетокот на протестите во понеделникот. Според информациите на полицијата, повредени се 89 лица од кои 60 во Барселона, а уапсени се 27 демонстранти.
Локалните медими пренесуваат дека ситуацијата во центарот на Барселона наликувала на бојно поле. Биле палени огнови, а маскирани демонстранти ја гаѓале полицијата со камења, цигли, петарди и други предмети.

До нереди дошло и во други каталонски градови.

Градската полиција соопшти дека вчера на протестот во Барселона имало околу 525.000 луѓе.
Кабинетот на премиерот на Каталонија, Ким Торе, свика итен состанок доцна синоќа, а се очекува тој денеска да се обрати пред јавноста.

Во генералниот штрајк во Каталонија, кој трае од вчера на покана на синдикатите кои поддржуваат независност, се вклучени околу 68 проценти од индустриските капацитети, според каталонската влада.

Протестите почнаа во понеделникот откако Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина каталонски службеници на 9 до 13 години затвор за неуспешниот обид за прогласување независност на Каталонија во 2017 година.