Полицајците од Њујорк ќе мора да имаат лично осигурување за покривање на тужбите за неодговорност

28

Државните власти креираат нови закони со кои ќе ги повикуваат на одговорност полицајците за несоодветно однесување, пренесува „Њујорк пост“.

Предлог-законот претставен од сенаторката Алесандра Бјаџи од Демократската партија, ќе бара од полицајците да си купат полиса за лична одговорност за да ги покријат евентуалните граѓански тужби против нив за прекумерна сила и други злоупотреби, како начин да се спречи несоодветното однесување.

Според сегашниот закон, полицајците кои се тужени се претставувани од градскиот Правен оддел, а даночните обврзници ја покриваат сметката за каква било пресуда или спогодба.

Со предлогот на Бјаџи се бара секој полицаец да си купи индивидуално осигурување за одговорност. Од градот или од другите локални самоуправи сè уште ќе се бара да ги покријат основните полиси за осигурување за да се покријат трошоците за парница. Но, Бјаџи рече дека нејзиниот закон подобро ќе ги контролира полицајците кои ќе мора да плаќаат повисоки премии ако осигурувањето им покрие отштетни исплати за престап.

– Полицајците против кои има тужба за несоодветно постапување ќе се соочат со зголемени премии и ќе треба да ги платат тие трошоци. Целта на овој предлог-закон е финансиски да се дестимулира несоодветното полициско однесување и да се создаде одговорност за непожелното однесување – рече таа.

Помеѓу јули 2017 и јуни 2018 година, градот Њујорк исплатил 230 милиони американски долари во 6.472 случаи за несоодветно постапување или недозволено однесување на полицајци, се вели во извештајот објавен од канцеларијата на градскиот контролор Скот Стрингер.

– Додека даночните обврзници ги финансираат  полицајците обвинети за несоодветно однесување, истите тие полицајци премногу често избегнуваат значајна одговорност – рече Бјаџи.

Предлог-законот е последен во рамките на полициските мерки за одговорност кои беа донесени од законодавната власт и преточени во закон од гувернерот Ендрју Кумо минатиот месец. Друг предлог-закон предложен минатата недела ќе им ги одзема пензиите на полицајците прогласени за виновни за несоодветно однесување.

Моментумот за мерките за одговорност на полицијата  беше предизвикан од бесот и протестите по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис како резултат на полициска бруталност.