Политичката пристрасност ја уништува вербата на луѓето во новинарството

48

Лара Логан, поранешен дописник на „60 минути“, минатата недела предизвика раздвиженост кога, на подкаст насловен „Мајк Дроп“ рече дека премногу луѓе во медиумите станале „политички активисти“. Тука, таа објаснува за „Пост“ како едностраното известување го поткопа кредибилитетот на печатот.

Работев како новинар пред да можев законски да пијам. Во сабота навечер во Дурбан, Јужна Африка, кога повеќето деца од средно училиште се забавуваа со пријателите, мојата последна работа беше на рака да ги предадам првите изданија од неделниот весник каде што работев, во полициската станица, противпожарната станица, болницата и мртовечницата.

Тоа беше насилно време во Јужна Африка. Луѓето се кренаа против неправдата на Апартхејдот за да се борат за слобода, а регионот каде што пораснав беше еден од најкрвавите. Така ги убедив момците од ноќната смена во мртовечницата да ги прекршат правилата и да ми кажат колку мртви тела примиле. Прашував толку многу прашања, така што се предадоа и ми дозволија сама да ги бројам телата. Тоа беше важно бидејќи никој не знаеше колку луѓе секоја вечер умираат во политичкото насилство. Полицијата имаше навика да ги расчистува мртвите од улиците за Владата да ја крие вистината.

Но, во таа една ноќ, секоја недела, на тоа едно место, ја знаев вистината. И никој не можеше да ми го земе тоа, затоа што дознавав од прва рака.

Денес, околу 30 години подоцна, работата ја работам на ист начин како тогаш: со отворен ум, отворено срце и милион прашања. Нема ништо почовечко од мислења и пристрасност. Да речеме дека ние немаме, е нечесно. Но, она што го имаме како професионални новинари е едноставен стандард со кој го одминуваме тоа: два извори од прва рака – прашувај за се и имај потврда од независен извор. Јас не го измислив тоа – го наследив од луѓе како Едвард Р. Мароу и ќе продолжам да го предавам понатаму.

Новинарите не се активисти. Можеме да делиме страст за одредена кауза, но нашата работа е да ги следиме фактите каде и да водат. Не можеме да игнорираме нешто што лошо се одразува на благородна кауза, како што може активист. Треба да се грижиме за средствата исто колку и за крајот, бидејќи наша должност е да ја бараме целата вистина.

Ниту, пак, сме адвокати во суд, кои избираат факти за да го докажеме нашиот случај. За среќа, има само една вистина. Како се чувствуваме во врска со тоа, како го доживуваме, тие работи се субјективни, но вистината сама по себе не е.

Пред сè, ние не сме пропагандисти или политички оперативци. Тоа не е наша работа.

Имам длабока почит кон моите колеги и за она што ние како новинари сме најдобри. Денес, генерално, ние не сме баш најдобри. Само прашајте ги луѓето во градовите и помалите места низ целата земја, како што правам јас. Каде и да одам, луѓето ми кажуваат дека ја изгубиле вербата во новинарството. Тоа доаѓа од сите луѓе, од сите сфери на животот и од сите политички слоеви.

Искрено, не ги обвинувам. Одговорноста за ова, започнува со нас.

Факт е дека огромно мнозинство од новинарите во оваа земја се регистрирани демократи. Во колеџите од кои доаѓаме, исто така, доминира една политичка идеологија. Ова е важно денес, бидејќи известувањето стана толку еднострано. Додека се обидуваме да сфатиме зошто луѓето ја изгубиле вербата во нашата професија, да почнеме да бидеме искрени за тоа кои сме.

Би се чувствувала исто ако медиумите беа навалени во спротивна насока. Она што ме вознемирува е едностраната природа на оваа борба. Дали основачите мислеле на ова кога го напишале првиот амандман?

Ги отфрламе конзервативните медиуми за нивната политичка пристрасност, но немаме ист страндард за либералните медиуми. Многу новинари кои тврдат дека се објективни јавно заземаат политички став, велејќи дека итноста на времето го оправдува отстапувањето од новинарските стандарди. Сепак, тие бараат од нас да веруваме дека нивното известување сé уште е непристрасно?

Не е тешко да се најдат примери за тоа колку многу сме отстапувале од стандардите за известување во ерата на Трамп. Едноставен пример е лажното известување на списанието „Тајм“ за првиот ден на функцијата на претседател Доналд Џ. Трамп, во кое се информираше дека тој ја отстранил статуата на Мартин Лутер Кинг од Овалната канцеларија. Веста стана вирална. Но, авторот не го следеше најосновното правило во новинарството – крени го телефонот и прашај ја Белата куќа дали навистина ја нема, и зошто? Авторот доцна напиша исправка на неговиот профил на Твитер, наведувајќи дека „статуата на МЛК се уште е во Овалната канцеларија. Била затскриена од агент и врата“.

Дали со тој напис „Тајм“ не поттикна расизам и репортерот сакаше да напредне и да верува, па немаше потреба од проверка на факти ? Не знам – дали ? Сите ние правиме чесни грешки и јас не сум исклучок. Јас направив неколку во моето тридецениско известување. Но, размислете за оваа грешка заедно со уште 70 други примери на списокот составен од независната истражувачка новинарка Шарил Аткисисон, која е една од најхрабрите новинарки што ги познавам. Дали е грешка кога медиумите продолжуваат да бијат во истите тапани повторно и повторно? Со нашиот кредибилитет кој е толку ниску колку што е денес, ова е прашање кое вреди да се праша.

Ќе бидам нападната затоа што ги пишувам овие зборови. Но, ги поздравувам овие напади, бидејќи ми кажува дека моите зборови се важни. И зборувам во име на сите новинари кои веруваат во залагање за вистината и чесно, независно известување. Повеќето не се чувствуваат слободни да зборуваат јавно. Живееме во слободна земја, но како новинари не сме слободни.

Тие не можат да ја нападнат суштината на нашата работа, па пропагандните машини како Дејвид Брок и неговиот персонал во „Media Matters for America“, клеветат, манипулираат и измислуваат лажни приказни поттикнати од нивната добро финансирана политичка агенда. Со армии од ботови и штала со новинари кои како папагали ги повторуваат нивните ставови, тие замолчуваат и заплашуваат. Тие ги користат нашите критики за неправедност и пристрасност за лажно да нè обвинуваат дека сме конзервативни. Но, сите знаеме, колку е погласен нападот, толку поблиску сме до вистината.

Никој не ме поседува. Ниту партија, ниту организација, ниту корпорација. Слободни сме затоа што слободата живее во нас. Тоа никој не ти го дава ниту ти го зема.

И најсилни сме кога стоиме заедно.