Политичар критикувал професорка затоа што немала деца

204

Јужнокорејски политичар го навлече бесот на социјалните медиуми врз себе откако критикуваше кандидатка за претседателската функција на комисијата за фер-трговија затоа што „не ја исполнила нејзината обврска кон државата“ да остави потомство.

Џонг Каб-јун, член на конзервативната опозициска партија „Слобода за Кореја“, се соочи со жестоки критики затоа што наведе дека професорката по економија Џо Сунг-вук се фокусирала на својата кариера за сметка на стапката на наталитет во државата.

– Свесен сум дека сè уште не сте мажена и дека најголемиот проблем во Јужна Кореја е тоа што жените не раѓаат. Имате одлично резиме, но ве молам да си ја исполните обврската кон државата – ѝ порача Џонг на Џо оваа недела на состанокот за утврдување на нејзината позиција во комисијата.

Џо, која е професорка на државниот универзитет во Сеул и првата жена номинирана за таа функција, се смешкаше, но не реагираше на неговата изјава. Од друга страна, корисниците на социјалните медиуми го обвинија Џонг за кршење на нејзините права и го поставија прашањето „дали машки кандидат ќе добиеше вакво прашање?“.

Јужна Кореја има една од најниските стапки на наталитет во светот и покрај обидите на владата да ги поттикне двојките да имаат повеќе деца, со тоа што инвестираше милијарди долари во субвенции за раѓање деца и услуги за згрижување на децата.
Стапката на плодност во државата, односно бројот на деца што жената треба да ги има во нејзиниот живот, падна на рекордно ниско ниво од 0,98 отсто лани што е помалку од едно дете по жена. Стапката е далеку пониска од потребните 2,1 отсто за одржување на стабилно население.
Многу жени велат дека не сакаат да имаат деца поради високите трошоци за основање на семејство, а конзервативната работна култура им отежнува на родителите на мали деца да ја одржуваат рамнотежата меѓу работата и семејниот живот.
Џонг потоа се извини за изјавата и тврдеше дека само сакал да укаже на демографската криза во Јужна Кореја и немал намера да ја навреди Џо, како што пренесува „Кореја хералд“.
Пратеничките од владејачката Демократска партија на Кореја изјавија дека Џонг не е компетентен да ја извршува својата функција во народното собрание. Во заедничка изјава за „Кореја тајмс“, тие наведоа дека „тој смета дека жените треба да раѓаат деца и да се грижат за нив како единствен начин да придонесат за својата држава, како и дека не е компетентен да биде политичар во денешното корејско општество“.
Подготвила: Билјана Здравковска